Наместо да се бркаат, да „се дотераат“ куќарките за книги во центарот на Скопје

2 mins read

Скопјани реагираат дека продавачите на стари книги и други антикварни предмети кои ги користат дрвените куќички на Кејот „13 ноември“ се украс на градот и дека не треба да се отстрануваат.

Ова следи откако продавачите добиле наредба од Градот Скопје да се иселат, заедно со своите залихи, најдоцна до следната недела.

-За мене тоа е најголемиот украс на кејот. Јас би им плаќала да бидат тука, вели професорката Мирјана Најчевска.

-Треба да се реши статусот на продавачите на книги, куќарките комплетно да им се обноват и дел да се вратат на плоштад такви дотеранки. И да ги има уште повеќе… Да ги има и на кеј, и у Градски парк… И на Водно… И на Бихачка… И пред вмро палатата… И пред сите министерства… И пред Клинички… И пред Собрание… И пред Влада… – пишува актерката и активистика Ирена Ристиќ.

-Не е до книгите. Градските власти нашле како повеќе да заработат од просторот каде што се наоѓаат продавачите. До профитот е, смета еден скопјанец.

Градските власти објаснуваат дека не постои правен основ за нивно понатамошно користење.

„Согласно Јавниот оглас за пријавување на интерес за користење на јавни површини од 02.03.2011, истите се давале на користење во период од 12 месеци со можност за продолжување. Корисниците во 2012 година склучиле договори со Градот Скопје во времетраење од една година, на кои договори склучувале анекси со важност до 31.01.2018 година. Од 01.02.2018 година корисниците веќе немаат никаков важечки договор со Градот Скопје за користење на куќарките на микролокациите. Во разговор со нив од претходниот градоначалник и секретар на Градот Скопје им било кажано дека и без никаков склучен договор можат да ги користат куќарките“, се вели во образложението од Град Скопје.

Фото: Слободен печат 

skopjeinfo.mk

Претходно

ПО БУРАТА МЕГИ: Најмалку 121 загинат во поплавите и свлечиштата во Филипините

Следно

Бугарски новинар казнет за лиферување лажна вест за Мариупол со која ја вознемири јавноста

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian