Италијанскиот Јувентус е казнет со парична казна од 2.000 евра поради транспарентите со кои навивачите на „старата дама“ го навредија претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино.
На натпреварот што се играше на „Алијанц“ Арената во Торино помеѓу Јувентус и Калјари во рамки на Серија А, во деветтата минута навивачите на „старата дама“ кренаа транспарент на кој пишувало „Кловнот Инфантино“, а потоа и навредливо скандираа кон првиот човек на ФИФА.
Причината за ваквата реакција на навивачите на „старата дама“ е изјавата на Инфантино кој додека престојувал во Фиренца рекол дека е„прекрасен ден да се биде во Фиренца бидејќи Фиорентина победила, а Јувентус загубил“.