Србија инвестира во армијата: Какво оружје купи Белград од Истокот и од Западот

3 mins read

Последниве неколку недели речиси нема балканска земја што не соопшти дека набавува ново оружје или го засилува својот воен арсенал. Последна од низата држави која доби ново софистицирано оружје е Србија.

Регионалните медиуми пишуваат дека на воениот аеородом во Батајница во саботата пристигна првиот дел од кинескиот ракетен систем земја-воздух ФК-3 со среден домет кој Србија го нарача уште во 2019 година, испорака која ја потврди и официјален Пекинг.

Инвестицијата вредна околу 200 милиони евра е само дел од планот на српските власти за вложување во армијата во наредните години во висина од над три милијарди евра.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг соопшти дека од Кина за Србија била испорачана редовна пратка на воена техника, која нема никакви врски со моменталната состојба во светот.

Иако уште во саботата се појавија информации дека воената опрема е пристигната во Србија, засега никој од државниот врв на земјата не излезе во јавноста да соопшти детално за какви воени набавки станува збор.

Уредникот на порталот за „Танго шест“ Петар Војиновиќ за српските медиуми вели дека се уште не се знае прецизно дали Србија набавила две или три батерии од новото оружје, истакнувајќи дека новата инвестиција е од значаен интерес за одбраната на земјата.

– Системот се состои од десетина возила, од кои основата е ракетната батерија. Таа ја сочинуваат камиони кои ги држат ракетите како и возило со нишански радар – објаснува Војиновиќ.

Коментирајќи ја вредноста на оваа инвестиција, тој истакнува дека Тајланд е првата земја која набавила ваков тип на оружје од Кина велејќи дека една батерија чини околу 65 милиони долари. Тоа според него значи дека Србија овој арсенал на оружје би ја чинело околу 200 милиони долари.

– Воздушниот простор на Србија со овој систем наскоро ќе биде еден од најдобро заштитените во регионот – додава Војиновиќ.

Во меѓувреме српскиот претседател Александар Вучиќ веќе најави дека Србија за потребите на армијата планира на купи 12 нови воени авиони од типот „Рафал“ кои чинат помеѓу 1,8 и 2,5 милијарди долари.

Инаку, Србија во изминатите три години изврши повеќе набавки за потребите на армијата. Белград ја модернизираше ловачката ескадрила со 14 авиони Миг-29 кои дел од нив беа донација од Белорусија и Русија. Понатаму земјата исто така набави 30 тенкови од типот Т-72 од Руската Федерација. Покрај ова српската армија купи и систем за систем за противвоздушна одбрана Панцир, неколку руски јуришни хеликоптери, борбени хеликоптери од Германија, ракетен систем „Мистрал“ од Франција како и дополнителни радарски системи од истата земја.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Земјотрес на албанско-македонската граница

Следно

Денес се празнува: Светиот свештеномаченик Ипатиј, епископ Гангрски

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian