Најдобрата белгиска тенисерка на сите времиња, 38-годишната Ким Клајстерс, во вторникот објави дека повеќе нема да се натпреварува на професионални турнири, откако последните две години неуспешно се обидуваше да се врати на светскиот тениски врв.
– Одлучив повеќе да не играм на официјални турнири. Им благодарам на сите што ме поддржуваа во последните две години – напиша Белгијката во својата објава на Инстаграм.
По третото и последно збогување од професионалното играње, Клајстерс ја заврши кариерата со четири Грен слем титули (УС Опен во 2005, 2009 и 2010 година и Австралија Опен во 2011 година), 41 освоен турнир и повеќе од 24 милиони американски долари заработени од турнирски награди.
Таа победи на 80 проценти од професионалните мечеви (523-131) и беше број еден во светот во четири наврати. За нејзините достигнувања, таа беше примена во Меѓународната тениска куќа на славните во 2017 година.
Последниот меч го одигра на 7 октомври минатата година во Индијан Велс, каде во првото коло беше поразена од Катерина Синијакова (Чешка).