Женска трка во поддршка на жените со мултипла склероза

3 mins read

Во Градкиот парк во Скопје утрово се одржа јубилејната 10-та „Авицена женска трка” која годинава беше посветена на зголемување на јавната свест за мултипла склерозата (МС), дегенеративно заболување кое три пати почесто се дијагностицира кај жените наспроти мажите.

Приближно две илјади учеснички на Женска трка имаа можност да дадат поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на портокалова панделка која беше содржана во стартниот пакет, наведуваат од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, кое беше вклучено во манифестацијата организирана од Сојуз на спортови на Скопје, под покровителство на Град Скопје.

-Нашата покана да трчаат за жените со МС и да го носат симболот на МС – портокаловата панделка, ја прифатија голем број учеснички на Женска трка, а меѓу нив голем број наши соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица кои ни дадоа несебична поддршка. Наш знак на препознавање беше портокаловата панделка која ја носеа сите учеснички кои трчаа за жените кои се соочуваат со МС. Уште еднаш би сакале да им се заблагодариме на сите кои дадоа несебичен придонес во оваа наша приказна чија цел беше подигнување на јавната свест за ова хронично заболување, а посебно за жените со мултипла склероза. Со заедничка заложба можеме да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направиме позитивни промени кај лицата со мултипла склероза, порачуваат од Националното здружение.

Мултипла склероза е хронична, прогресивна, воспалителна, дегенеративна болест на централниот нервен систем и една од најчестите причини за инвалидитет кај младата работоспособна популација. Симптоми на мултипла склероза: заматен вид, двојни слики, слабост и отежнато движење, нарушување на рамнотежата и вртоглавица, проблеми со говор и голтање, когнитивни и емотивни нарушувања и многу други.

Во РСМ живеат повеќе од 1.500 лица со мултипла склероза, а секоја година се дијагностицираат околу 90 – 120 нови лица. Повеќето лица со мултипла склероза се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 годишна возраст, односно во најпродуктивните години од животот.

Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултипла склероза. Oсновано е 2019 година и е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).  

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Мајка сподели генијален трик: Еве како бебето само покажува дали е гладно или сито

Следно

Се тресе регионот: Земјотреси утрово во Хрватска, Албанија, Турција и Грција

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian