Петровска за „Катимерини“: И да се смени власта, Преспанскиот договор ќе продолжи да важи

2 mins read

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во изјава за грчкиот весник „Катимерини“ вели дека Договорот од Преспа, со кој земјава го доби новото име „Република Северна Македонија“, нема да се менува и кога ќе се смени власта.

„Овој договор беше означен како едно од најзначајните достигнувања на Балканот во изминатите децении и јас сум убедена дека, настрана политиката, сите политички партии, кога ќе бидат во позиција да ја претставуваат владата и државата, ќе се држат до договореното и потпишаното“, изјави Петровска, која деновиве учествуваше на економскиот форум „Делфи“ во Грција.

Зборувајќи за македонското членство во НАТО, кое беше овозможено токму од Преспанскиот договор, Петровска смета дека тоа претставува „штит против ширењето на украинската криза во Западен Балкан“.

„Гледајќи од денешна перспектива, членството во НАТО за земјите од Балканот е, сосема веројатно, најдобриот начин да се гарантира дека нестабилностите во Источна Европа нема да се прелеат во нашиот регион“, рече министерката, додавајќи дека членството на Македонија во НАТО е „од корист за Алијансата како целина, за поединечните сојузници, но најмногу за мирот, безбедноста и стабилноста на земјата и регионот“.

Петровска, исто така, рече дека сите сојузници на НАТО се согласни оти Алијансата мора да го засили своето присуство на источното крило.

„Тоа е неопходно и тоа го бара новата безбедносна ситуација на европскиот континент“, вели таа, забележувајќи дека зајакнатото пријателство со Грција по потпишувањето на Договорот од Преспа отворило „неограничени можности за соработка, особено во областа на одбраната“.

„Одговорноста за безбедноста на нашето небо ја префрливме на сојузник, но тоа го направивме со чиста совест, уверени во капацитетот на вооружените сили на Грција и подготвеноста за заштита на соседната сојузничка земја“, рече Петровска за „Катимерини“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Еве како не мамат во рестораните: Познат тиктокер го покажа трикот со мраз

Следно

ВИДЕО: Кикс на Милан, шанса за Интер да се врати на врвот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian