Партиите за штрајкот на просветните работници

7 mins read

Вработените во образованието, во училиштата, во градинките,  имаат со Устав  загарантирано право на штрајк. Синдикатот има обврска но и морално право да го организира штрајкот. Наставниците имаат право на нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата. Наставниците имаат право на покачување на платите согласно Колективниот договор. Тие тоа и го заслужуваат, изјави денеска Весна Јаневска, претседателка на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата смета дека Владата, наместо да им се заканува и врши притисоци врз нив, треба да се потруди да ги исполни нивните барања, да го исполни тоа што им следи и да го исполни тоа што владата го прифатила со колективните договори.

-ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува вработените во образованието во нивното барање и во нивниот штрак. ВМРО-ДПМНЕ смета дека нивните барања се оправдани. ВМРО-ДПМНЕ  не прифаќа образложенија од Владата дека во буџетот нема средства. Средства има, но тие се трошат на апетисани, скапи есцајзи, нови возила, мебел, скапи ручеци и матни зделки на владините функционери. Оваа влада не може, а и не сака да се справи со предизвиците кои ги носи ова тешко време. Нејзиното владеење се вози на грбот на работникот, кој одвај го издржува товарот. Владата на СДСМ и ДУИ не смеат вината за галопирачката инфлација во која горивата се покачија за 70% струјата се покачи за 30%, парното за 15%, лебот за дури 110%, маслото за јадење за 30% и сите основни намирници за околу 30 до 50% да ја наметнуваат врз оние коишто си ги бараат правата, а протестираат заради се потешкиот живот. Работниците, се доведени на работ на сиромаштијата, а некои и до работ на опстанокот, рече Јаневска.

Таа нагласи дека незадоволството е огромно и штрајкуваат државните службеници, матичните лекари, вработените во пошта, штрајкуваат и просветните работници, вработени во градинките, училиштата и научните работници.

-Наставниците на кои, ние, во нивни раце им го даваме нашето најголемо богатство, нашите деца, претрпеа многу од пандемијата, од бизарната образовна реформа, од немањето средства за работа. Единствено што добија беше груба партизација при вработувањата, трансформацијата на работниот однос и при изборите на ментори. Ако некој од нив и го кренеше гласот, следеше малтретирање, мобинг и нивните поплаки беа проследени со лажни вести дека се’ е во ред. За срамно ниските плати и урамниловката со која владата на СДСМ и ДУИ дополнително ја понижува племенитата професија, не треба коментар. После се’, ќе штрајкуваат, нормално е да штрајкуваат, рече Јаневска нагласувајќи дека има решение и за оваа состојба, а тоа е предвремени парламентарни избори.

-Штрајкот е легитимно право на секого, но од прекинувањето на образовниот процес никој не може да има придобивка. Основните и средните училишта треба да продолжат да работат да примаат и да го организираат воспитно-образовниот процес за учениците и згрижување на децата во градинките. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Исто така во градинките, процесот на згрижување на децата не смее да се прекинува. Јасна е потребата од достоинствено вреднување на трудот на наставниците, но најдобриот интерес на учениците е и треба да продолжи да биде врвен приоритет, соопштуваат од владејачката СДСМ.

Според нив, во образованието со методолошки пристап, во изминатите 3 години во три наврати СДСМ ги зголеми личните приходи на наставниците за над 21%.

-Целта на Владата предводена од СДСМ и коалиционите партнери е преку континуираниот дијалог со СОНК, како репрезентативен синдикат, заеднички да обезбедат одржливи и системски решенија во врска со зголемувањето на платите на наставниците и подобрување на нивниот економско социјален статус. Заштитата на стандардот и интегритетот на наставниот кадар е врвен приоритет на Владата предводена од СДСМ, токму овој дијалог очекуваме да биде стартната позиција врз основа на која ќе се унапредува статусот на вработените во воспитно-образовниот систем, сметаат од СДСМ.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска денеска изјави дека во изминатите неколку години СДСМ успеа значително да ги покачи платите, со што покажа грижа и дека го вреднува трудот на работниците.

-Платите растат со СДСМ покрај сите предизвици со глобалните, светски економските последици од ковид пандемијата, со енергетската криза а сега и кризата со воената агресија врз Украина. Тоа е резултат на вистински социјалдемократски политики кои парите ги враќаат назад кај граѓаните. Просечната плата успеавме да ја покачиме до 30.000 денари, односно за само 5 години е поголема за речиси 9.000 денари, за разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ, кога беше едвај 21.000 денари, рече таа.

-Дека знаеме да го цениме и вреднуваме трудот на работниците потврда е и последната одлука за ново зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Тоа е двојно зголемување, за 100% за разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ. Сите го паметиме тоа време на споменичко лудило, кога платите беа замрзнати, а работниците беа третирани како евтина работна сила, нагласи Кузеска додавајќи дека со СДСМ платите растат побрзо, издржано, преку системски решнија и тоа во сите сектори.

Таа додаде дека во основно и средно образование СДСМ ги зголеми платите за +21%, а од 2016 година платата на вработените во градинките се зголеми за повеќе од 16% што во просек значи покачување од 4.300 за негувателки до 5.700 денари за воспитувачките.

– Во време на најголема економска и енергетска криза СДСМ ја зголеми минималната плата за да го заштити животниот стандард. Со оваа мерка се опфатени 80.000 работници кои досега земале минимална плата и уште 70.000 работници кои земале плата меѓу 15 и 18 илјади денари. Платите ќе растат и понатаму, треба и мора да растат, но преку издржани решенија, и системска методолошка рамка, рече Кузеска.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Скокајќи од мост се самоуби српскиот актер Бојан Лазаров, оставил и проштално писмо

Следно

Папата повика на велигденско примирје во Украина

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian