Средба Ковачевски-Мицотакис: Економските релации на двете земји зајакнуваат и во време на криза

2 mins read

За време на работната посета на Грција по повод учеството на Економскиот форум Делфи, претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски оствари билатерална средба со грчкиот колега Киријакос Мицотакис.

На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и директорката на УЈП Сања Лукаревска, премиерите на двете земји разговараа за посветеноста, за целосна и непречена имплементација на обврските на двете страни утврдени во Договорот од Преспа.

Ковачевски на средбата со Мицотакис нагласи дека со воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво потврдено и со членството на Северна Македонија во НАТО.

„Економската соработка помеѓу двете земји традиционално е на високо ниво, a соработката има потенцијал и понатаму да се развива и се поттикнува со континуираниот политички дијалог на највисоко ниво и со градење на довербата во интерес на двете земји”, рече Ковачевски.

На средбата стана збор за постигнување договор за олеснувања во доменот на даночните политики, и дополнително беше констатирано дека градењето на цврсти економски односи и унапредување на билатералната соработка е важно, особено во услови на светска криза.

За време на разговорот двајцата премиери уште еднаш ја потенцираа важноста од соработката во енергетскиот сектор, за која се согласија дека има голем потенцијал, ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји.

Заедничките енергетски проекти се од значење за Република Северна Македонија како нови извори за снабдување со гас како поеколошки и поевтин енергенс, како и од можноста да стане регионален центар за понатамошен транзит и дистрибуција на гасот на земјите од регионот.

На средбата беше разговарано и дека во периодот кој следи ќе продолжат со интензивна меѓусебна комуникација за унапредување на економските односи помеѓу двете пријателски земји, а со крајна цел обезбедување на побрзa и одржлива соработка за економски раст.

Тема на средбата беше светската криза предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина и за потребата од заедничка соработка за ублажување на последиците од растот на цените на енергенсите за граѓаните и стопанството.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Родители споделија трик: Како да се расправате пред децата без тие да знаат

Следно

Околу 60 отсто од германските болници се уште ги одложуваат операциите поради Ковид

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian