Членовите на легендарната британска рок група „Пинк флојд“, згрозени од руската инвазија на Украина и инспирирани од фронтменот на бендот „Бумбокс“ Андриј Хливњук, снимија нова песна по 28 години пауза, јавува Би-би-си.
Се наведува дека целиот приход од новиот сингл ќе биде дониран за хуманитарна помош за Украина.
Инаку, Гилмор настапи во живо со „Бумбокс“ во 2015 година, на хуманитарен концерт во Лондон за Белорускиот слободен театар. Фронтменот на таа група, Андриј Хливњук, ја напуштил американската турнеја на „Бумбокс“ на крајот на февруари и отишол во војна за да се бори против руската инвазија.
Гилмор на својот Инстаграм пронашол видео од пејач во воена униформа, со пушка закачена на рамо, како стои пред киевската катедрала „Света Софија“ и ја пее „Oh, the Red Viburnum in the Meadow“, протестна песна од 1914 година, патриотска песна.
По смртта на клавијатуристот Ричард Рајт во 2008, Гилмор беше дециден дека „Пинк флојд“ веќе нема да прави нова музика, но вели дека инвазијата на Украина го премислила.
– Си помислив: тоа е прилично магично и можеби можам да направам нешто околу тоа. Имам голема платформа на која „Пинк флојд“ се градеше сите овие години. Навистина е тешко и фрустрирачки да се видат големи сили кои напаѓаат независна, мирна, демократска нација. Бев фрустриран од она што го видов и си помислив: „Што можам да направам?“ – рекол Гилмор.
Како резултат на размислувањето на Гилмор, дојде новата песна на „Пинк флојд“ – „Hey hey rise up“ (Еј, еј, издигни се).