Поразителна општествена положба на Ромките: Ќотекот не го доживуваат како насилство

4 mins read

Дури 77,5 отсто од 200 испитанички потврдно одговориле дека биле жртви на родово базирано или семејно насилство, од кои најзастапено е психичкото, а потоа и физичкото насилство. Повеќе од три четвртини рекле дека се невработени во истражувањето на здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“

Жртви на семејно насилство поради нискиот степен на образование, поради невработеноста и финансиска зависност од сопругот се голем дел од Ромките во земјава, покажа истражувањето на здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“, што е спроведено во повеќе скопски општини.

Резултатите покажуваат поразителна општествена положба на жената Ромка и честа виктимизација во семејните односи. Дури 77,5 отсто од 200 испитанички потврдно одговориле дека биле жртви на родово базирано или семејно насилство, од кои најзастапено е психичкото, а потоа и физичкото насилство. Повеќе од три четвртини рекле дека се невработени.

Истражувањето потврдува дека Ромките и натаму наидуваат на пречки при остварувањето на правото на заштита од семејно и родово базирано насилство. Дополнително негативно влијае и потчинетоста на Ромките во патријархалните домаќинства, со традиционални мислења дека насилството е нормално и не треба да се пријавува. Од Здружението велат дека жените не секогаш удирањето го препознаваат како физичко насилство.

– Насилството ретко се пријавува, и тоа најчестите причини што испитаничките ги навеле се срам, недоверба во институциите, поранешно катастрофално искуство со пријавувањето од кое немало фајде – велат од Здружението.

Ромка што го пријавила сопругот во полиција поради семејно насилство кога бил пијан, сведочи дека по спроведена постапка, го однеле во психијатриска болница, таму лежел шест месеци, а потоа избегал. Институциите се откажале од пружање помош, па се вратил во семејството зашто е економски зависна од него.

За време на пандемијата со ковид-19 овие жртви на насилство уште повеќе беа загрозени. Загрижува фактот дека во Скопје има само еден шелтер-центар со пет индивидуални простории со по пет легла. Немањето кадри и програми за ресоцијализација за вклучувањето на жените жртви по престојот во шелтер-центарот, е исто така проблем, бидејќи ги враќа жртвите кај насилниците. Меѓу анкетираните имало и жени што воопшто не знаат дека тоа што се тепани од нивните партнери е насилство, додаваат од невладината организација.

„За една-две шлаканици не се растура семејство“

Една од учесничките во фокус-групите рекла дека сопругот секој ден психички ја малтретира и со парите што таа ги заработува, тој се обложува. Кога ќе изгуби, ја малтретира пред децата и ја навредува.

– Знам дека многупати заслужив да спијам со модринки и насолзени очи. За една-две шлаканици не се растура семејство. Како ќе растат децата без татко? – изјавила жената.

Друга невработена испитаничка, без образование, морала да питачи за корка леб зашто сопругот не ѝ давал пари и со години ја навредувал и психички ја малтретирал.

– Често заминував кај моите родители додека беа живи, но секое враќање беше крваво. На крајот го пријавив, откако се обратив до една невладина. Заедно се упативме во Центарот за социјални работи, кои ми помогнаа да се сместам во шелтер-центар. Таму бев три месеци, но потоа бев приморана да му се вратам на крвавиот живот – вели таа.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО: Се верија Бен Афлек и Џенифер Лопез?

Следно

Градоначалник на Краматорск: За време на ракетниот напад имаше околу 4.000 луѓе на железничката станица

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian