Доктор Елена Манолева Николовска: Што е мононуклеоза – „болест на бакнежот“?

6 mins read

Инфективната мононуклеоза – популарно позната како „болест на бакнеж“ – се пренесува со директен контакт со плунката на заразеното лице. Вирусот што предизвикува мононуклеоза може да го добиете со бакнување, но може да се заразите и ако бидете изложени на кашлање или кивање или со споделување чаша или прибор со некој што има мононуклеоза.

Што е мононуклеоза и кој е причинител на оваа болест?

– Инфективна мононуклеоза е заболување што често се јавува кај општата популација. Тоа е инфективно заболување предизвикано од вирус. Најчесто се појавува кај тинејџерите и младите луѓе поради што се нарекува и „болест на бакнежот“. Во 90 отсто од случаите предизвикувач е Епштајн-Баровиот вирус, а во 10 отсто од случаите цитомегаловирус. Се смета дека еден од четири заразени луѓе развиваат симптоми на болеста. А, се проценува дека и 80 отсто до 90 отсто од возрасните луѓе стануваат носители на вирусот до 40-тата година од животот.

Како се пренесува мононуклеозата и колку трае инкубацијата по инфекцијата?

– И покрај тоа што се смета за болест на тинејџерите и младите луѓе, сепак инфективната мононуклеоза се појавува често и во раната детска возраст кај деца до шест години. Кај малите деца најчесто поминува асимптоматски или во блага форма на болеста и затоа многу често останува недијагностицирана. Тежината на болеста може да биде иста како кај адолесцентите и може да предизвика умерени до тешки форми на болеста. Вирусот се шири преку близок контакт со плунката на заразено лице. Кај помалите деца вирусот може да се пренесе преку споделување на прибор за јадење, чаши за пиење или играчки во градинките. Вирусот може да се шири и преку кашлање или кивање, така што децата често може да се заразат преку интеракција со децата врсници во градинките, во дневен престој или на училиште. Периодот на инкубација е од две до осум недели по инфекцијата.

Кои се симптомите на мононуклеоза?

– Симптомите на мононуклеоза може да бидат слични на други состојби, поради што инфекцијата често поминува недијагностицирана. Секое дете или возрасен може да има различни симптоми на болеста. Малите деца обично имаат лесна и краткотрајна форма на болест, која најчесто е со знаци на воспалено грло и лесно покачена температура. Но, кај децата до шест години, како и кај поголемите деца, болеста може да се манифестира со потешка форма на болеста. Кај потешките форми на болест се појавуваат знаци на зголемена температура, треска, главоболка, малаксаност, болка во грлото, зголемени жлезди, особено во вратот, зголемена слезина и/или црн дроб. Симптомите најчесто траат пет до седум дена, но кај тинејџерите и младите луѓе кај кои се почести и тешките форми на болеста, симптомите може да траат и до неколку недели од почетокот на болеста. Во потешките случаи на болеста, се појавува и изразен оток на крајниците со присуство на псевдомембранозни наслаги. Во некои случаи, и кај малите деца и кај возрасните може дополнително да има присуство и на патогени бактерии во грлото кои предизвикуваат секундарна бактериска инфекција. Зголемени жлезди на вратот се појавуваат кај сите болни, и кај децата и кај возрасните, а кај некои се појавуваат и зголемени жлезди и во други регии од телото (препони, пазуви). Зголемена слезина се појавува кај 50-75 отсто од болните, а зголемувањето на црниот дроб е поретко.

Како се дијагностицира мононуклеозата?

– Дијагнозата на болеста најчесто се заснова на симптомите и може да се потврди со општи лабораториски испитувања и со специфични тестови. Дијагнозата на болеста се потврдува со докажување на присуство на антитела на Епштајн-Баровиот вирус во крвта (Paul-Bunnell тест).

Како се лекува ова заболување?

– Лекувањето на мононуклеоза е симптоматско бидејќи болеста е предизвикана од вирус. Лекувањето вклучува зголемен внес на течности и рехидратација, давање антипиретици и аналгетици, диетална храна без конзерванси, храна богата со витамини, минерали и свежи хранливи производи како и мирување, особено кај случаи со зголемена слезинка или црн дроб. Во случаи каде што е докажана секундарна бактериска инфекција во грлото, особено со бета-хемолитичен стрептокок, потребно е вклучување и на антибиотска терапија со пеницилин во тек на десет дена или друг антибиотик кај лица што се алергични на пеницилин.

На што треба да се внимава и кои мерки треба да се преземат за спречување на ширењето на болеста?

– Оздравувањето и повлекувањето на симптомите настанува постепено најчесто во тек на три до пет недели од почетокот на болеста, а во потешките случаи и подолго. Бидејќи се работи за вирусно заболување кое првенствено се пренесува преку плунка од болен, потребни се поголеми хигиенски мерки за да се спречи ширењето на болеста. Ова е особено важно за спречување на ширење на заразата во градинките и дневните престои за деца каде што можноста за ширење преку играчки и прибор за јадење е поголема.

Прогнозата на болеста е добра и закрепнувањето е целосно кај сите деца и млади луѓе. Сепак, инфективната мононуклеоза е болест која, и покрај добрата прогноза и лесниот тек на болеста, бара сериозен пристап кон лекувањето за да се постигне целосно закрепнување. Затоа е потребно навремено дијагностицирање на болеста и соодветен третман, за побрзо и комплетно оздравување.

М-р д-р Елена Манолева Николовска
Специјалист педијатар

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Бугарија уапсена поранешна романска министерка осудена на шест години затвор

Следно

Ковачевски на Делфи форумот ќе се сретне со Ескобар, Лајчак и Курти

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian