ЕУФОР повторно на улиците на Бања Лука: Берлин испраќа воени трупи во БиХ?

4 mins read

Силите на ЕУФОР повторно патролираат по улиците на Република Српска. Нивните возила минале низ една од централните населби во Бања Лука, јавува националниот сервис на Република Српска – РТРС.

Медиумите во Република Српска потсетуваат дека ЕУФОР веќе го засилил својот контингент во БиХ со дополнителни 500 војници, така што во моментов вкупниот број на војници распоредени во Босна и Херцеговина изнесува 1.100. Според истите извори, воениот контингент германски војници би требало да пристигне пред изборите на 2 октомври.

Германската амбасада во БиХ сè уште не знае за конкретни планови за распоредување на војници на ЕУФОР од таа земја  во БиХ, пренесува РТРС изјава на преставник на германската амбасада.

Претходно претставници на Бундестагот, според германските медиуми, официјално потврдиле дека Германија размислува да испрати воен контингент во Босна и Херцеговина, во рамките на ЕУФОР.

Берлин тоа го оправдува со грижата за мирот и стабилноста на БиХ, пренесува бањалучката РТРС.

„Го поздравуваме зајакнувањето на воената мисија во БиХ и го разгледуваме вклучувањето на германската армија во операцијата. Германија е загрижена поради плановите за сецесионизам. Тоа е напад врз единството, мирот и стабилноста на БиХ, Западен Балкан и Европа “, изјавила Ана Лирман од германското Министерство за надворешни работи на седницата на Бундестагот посветена на БиХ.

И највисокото босанско федерално раководство официјално побарало засилување на германскиот контигент во мисијата на ЕУФОР.

За време на посетата на Берлин, Денис Звиздиќ, член на раководството на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание, побарал враќање на германските војници во БиХ, кои по неколкугодишното присуство се повлекоа од Босна и Херцеговина во 2012 година.

Барем за тоа официјално не се разговарало за време на престојот на шефицата на германската дипломатија во Сараево во март годинава, наведува РТРС и додава дека, сепак, се шпекулира дека германските војници би можеле да бидат распоредени пред изборите на 2 октомври. ЕУФОР веќе го зајакна својот контингент со дополнителни 500 војници од Словачка, Романија, Австрија и Бугарија.

Како што потсетува РТРС, во ноември Советот за безбедност на ОН треба да донесе одлука за продолжување на мандатот на ЕУФОР, што може да биде спорно во светло на затегнатите руско-европски односи.

Повеќе од очекувано е дека Русија како постојана земја престедавач со право на вето, може да го блокира донесувањето на одлуката за испраќање на нов дополнителен воен контигент во Босна и Херцеговина.

Подолг период, српскиот ентитет на федерацијата, Република Српска и нејзиниот поранешен престедател, а сега актуелен член на тројното босанско претседателство Милорад Додик, се посочени како главни спроведувачи на големото руско влијание во регионот. Додик, кој не крие дека има блиски релации со Москва и е чест гостин кај рускиот престедател Владимир Путин, повеќе пати најавуваше отцепување на Република Српска од федерацијата под изговор дека меѓународната заедница го крши Дејтонскиот мировен договор и сака да ја укине автономијата на срспкиот ентитет во Босна.

Додик и натаму смета дека федерацијата е нефункционална и најавува дека Република Српска ќе се повлече од федералните иснституции и ќе формира своја војска и своја разузнавачка служба. Овие негови најави сега стануваат се поопасни, бидејќи постои стравување дека неговите блиски релации со Русија и Путин, би можеле да бидат искористени за поголемо руско влијание и зголемување на тензиите во регионот на Западен Балкан. Оттаму и стравувањата на Западот и на меѓународната заедница кои ја подржуваат целовитоста на Босна и Херцеговина и кои се обидуваат да го зачуваат кревкиот мир кој и по 30 години од завршувањето на граѓанската војна, е под закана за негово нарушување.

А, сегашната целосна конфронтација на Западот со Русија, фрла нова димензија на опасноста од проруското влијание врз дел од територијата на Босна и Херцеговина.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ковачевски: Синдикатите организираат штрајкови како форма на притисоци

Следно

Нов удар за Вил Смит: Поранешниот љубовник на Џејда се осврна на аферата во новата песна

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian