Вимблдон планира на Русите и на Белорусите да им забрани учество на турнирот

2 mins read

Независниот статус на организаторот, „Ол Ингланд клаб“, му дозволува да наметне казни и забрани без страв од судски спорови, вели британски „Телеграф“

Раководството на „Ол Ингланд клаб“ е подготвено да им забрани на сите тенисери од Русија и од Белорусија да учествуват на годинашново издание на Вимблдон, пренесува британскиот весник „Телеграф“. Независниот статус на „Ол Ингланд клаб“ му дозволува да наметне казни и забрани без страв од судски спорови.

Поради страв од такви спорови АТП и ВТА им овозможија на руските и белоруските тенисери да учествуваат на турнирите како неутрални спортисти, иако препораките на Интернационалниот олимписки комитет беа целосно да се исклучат спортистите од двете земји поради воената инвазија на Украина.

– Приватните клубови имаат повеќе слобода од АТП и ВТА и можат сами да одлучат кој игра, а кој не. Ако АТП или ВТА наметнат такви забрани, тенисерите веднаш ќе ги дадат на суд, бидејќи тоа би ги спречило да заработуваат за живот. Но, за Вимблдон тоа не е голем проблем – рекол извор за „Телеграф“.

Крајниот рок за пријавување за Вимблдон е средината на мај, а дотогаш ќе биде решено што да се прави со тенисерите од Русија и од Белорусија. Британскиот министер за спорт Најџел Хадлстон веќе изјави дека на спортистите од овие земји ќе им биде забрането учество на турнирот доколку не дадат гаранции дека не го поддржуваат рускиот претседател Владимир Путин. Вимблдон започнува на 27 јуни.

Меѓу најпознатите тенисери на кои им се заканува дисквалификација се Русите Данил Медведев, Андреј Рубљев и Аслан Карацев и Белорусинката Викторија Азаренка.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Рецепт нa Марсела Хазан: Најдобриот сос за тестенини на светот содржи само три состојки

Следно

Третоодделенците од ООУ „Јан Амос Коменски“ во посета на општина Карпош

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian