Се појави нов подсој на омикрон XE: Еве кои се почетните симптоми на заразата

4 mins read

Камелеонскиот коронавирус е во постојана промена, а додека ќе трае, нема убедливи и научно засновани прогнози. Деновиве, Светската здравствена организација (СЗО) предупредува на мутантната варијанта на ковид-19 или омикрон, наречена XE, која е десет отсто позаразна од подваријанта BA.2. Станува збор за „рекомбинантна“ варијанта на вирусот, која се јавува кога некој ќе се зарази со два или повеќе соеви на ковид-19 истовремено, односно со подваријанти BA.1 и BA.2. Тоа значи дека XE би можел да биде околу 43 отсто позаразен од оригиналниот омикрон што го опустоши светот минатата зима. Поентата е дека генетскиот материјал на овие варијанти се меша во пациентот.

Досега во Македонија не е откриен случај на XE варијанта на омикрон, но со оглед на фактот дека се работи за многу лесно пренослива форма на коронавирусот, не треба да се сомневаме дека е само прашање на време кога тоа ќе се случи.

Подсоеви

Имено, за овој XE подсој на омикрон, експертите велат дека би можел да го предизвика шестиот бран на коронавирусот во Европа со оглед на брзината на ширењето. Првпат е откриен во Велика Британија на 19 јануари и моментално е доминантен во земјата, односно со него се заразени околу 86 отсто позитивни на ковид-19. СЗО предупредува дека XE сè уште се проучува многу темелно за да се утврдат сите разлики во однос на BA.1 и BA.2 варијантите на омикрон, односно можно е да се работи и за сосема нов сој. Додека ова не се утврди, се води како сите овие подсоеви да се дел од „семејството“ на омикрон. За среќа, и XE не предизвикува потешки форми на болеста како и другите подсоеви на омикрон. Експертите истакнуваат дека почетните симптоми на заразата се замор и вртоглавица, а потоа главоболка, воспаление на грлото и мускулите и треска. Но, изненадувачки, не се појавува губење на мирисот и вкусот како кај првичните соеви на коронавирусот. Може да се појават и гастроинтестинални симптоми како што се дијареја, гадење и повраќање и болки во стомакот.

Неопходни мерки

„Треба да се напомене дека во моментот има голем број други вируси кои имаат слични симптоми на XE варијантата на омикрон, како што се аденовируси, инфлуенца А кај децата, респираторен синцицијален вирус (РСВ) и слично, но тоа не значи дека луѓето не треба да се тестираат за да се исклучи ковид-19. Иако бројот на заразени е релативно низок во моментов, треба да се напомене дека повеќе од 30 отсто од тестираните се сè уште заразени, што е големка бројка. Затоа е неопходно и понатаму да се спроведуваат епидемиолошките мерки од носење маски до дистанца и лична хигиена. Секако, вакцинацијата е на прво место“, нагласува д-р Табаин. Додава дека тоа се основни епидемиолошки мерки кои ќе помогнат новата варијанта XE помалку да се шири.

Освен оваа тековно галопирачки омикронски подсој XE, Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (УКХСА) откри уште два нови соја, XD и XF. Имено, XD е хибрид на делта и омикрон BA1, а XF е комбинација на BA1. Варијантата XD е откриена во Франција, Данска и Белгија, а XF во Велика Британија.

Професорката Сузан Хопкинс, главен медицински советник на УКХСА, вели дека т. н. рекомбинантните варијанти на вирусот не се невообичаена појава, особено кога постојат неколку соеви во циркулацијата, па затоа неколку веќе се идентификувани од почетокот на пандемијата. Тешко е да се каже кога ќе се појавуваат нови соеви и подсоеви, но сите се надеваат дека повеќето од новите варијанти ќе „умрат“ релативно брзо и нема да бидат поопасни од досега познатите.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Се укинува задолжителното носење на заштитни маски во Црна Гора

Следно

Луксембург отвори почесен конзулат во Македонија, Петар Арсовски назначен за почесен конзул

Latest from Blog

Магла на Стража

Намалена видливост од 50 до 70 метри поради појава на магла има на планинскиот премин Стража,

MacedonianEnglishAlbanian