Намален бројот на заразени, хоспитализирани и починати од ковид-19

3 mins read

Продолжува намалувањето на бројот на заразени, хоспитализирани и починати од ковид-19, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 28 март до 3 април 2022 година.

Тестирани се 14.873 материјали, а регистрирани сe 1.602 нови позитивни случаи од 30 градови во државата, што е намалување од 5,4% во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движи од 4,2 % до 12,5%, просечно 10,2%.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=893; 55,7%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 204,9/100.000, Делчево – 184,0/100.000 и Битола – 178,3/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години.

Во однос на претходната недела, најголемо зголемување на бројот на заболени се регистрира кај возрасните групи од 0-9 (13,7%) и 10-19 (11,6%), а најзабележително намалување во споредба со минатата недела се забележува кај возрасната група 20-29 (26,6%).

Со статус „оздравени” се стекнале 1.706 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, 4,6% помалку во споредба со минатата недела (n=1.789). Вкупно се пријавени 272 реинфекции, со зголемување од 1,5% во однос на претходната недела.

Пријавени се 12 смртни случаи во 8 градови со датум на смрт во текот на изминатата недела (28.03-03.04.2022), за 45,5% помалку во однос на претходната недела (n=22). Најголем дел од нив се од Скопје (3). Во однос на возраста, регистрирани се 11 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.

Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика” при ИЈЗ, во текот на изминатата недела, е изведен PCR тестот базиран на Single Nucleotide polymorphism со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV-2 кај 92 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите.

Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 28.03-02.04.2022 година од
Скопје, Кавадарци, Тетово, Велес, Охрид и Гевгелија. Во 6 (6,5%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 86 (93,5%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth”.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 71 лица (13,4% помалку во споредба со претходна недела), од нив 27 се на кислородна поддршка (18,2% помалку во споредба со претходна недела), а 5 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (за 4 повеќе во споредба со претходна недела).

Заклучно со 3 април 2022, вакцинирани се вкупно 873.114 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 853.501 лица, а со трета доза се вакцинирани 154.693 лица.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Претпладне облачно, од пладне ќе преовладува сончево време

Следно

Намален бројот на заразени од коронавирус, најмногу случаи во Скопје

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian