Богоевски до Камчев: Извини што лошиот Груевски те стави во незгодна положба да му ги купуваш криминално стекнатите плацови на Водно

3 mins read

Поранешниот пратеник Павле Богоевски јавно им се извини на бизнисменот Орце Камчев и на „Аџибадем Систина“ за објавен фејсбук статус.

Неговата објава ја пренесуваме во целост:

„По втор пат во животот, ми стигна опомена пред тужба за пишан статус на фб. Првиот пат од Апасиев, сега и од Камчев, со се Систина. Тоа е, љубители на правото. Кога им е во корист.

На 28.08.2022, напишав објава во која се сомневам дека Орце Камчев е медицински феномен, бидејќи по втор пат во месец дена е Ковид позитивен. Со тоа неговите адвокати повторно го одложија неговото рочиште.

Информацијата ја извлеков од медиумските објави (линкови од објавите и др матерјали се во коментарите).

Наведов и дека ‘тестовите, се разбира се направени во Систина’.

Врз основа на Барањето за извинување и јавно повлекување на изјава на Камчев, тој тестовите ги направил во две други лаборатории, а не во Систина.

Добро, му верувам. Башка, и не би сакал да се влечам по судови со неговите несомнено скапи и очигледно ефикасни адвокат. Затоа, ја повлекувам изјавата. И ќе му се извинам, и за тоа и за се’ останато.

Така да:

Извини Орце што погрешно сум ја навел институцијата чии потврди ти беа искористени за уште едно одложување на судењето против тебе и на пресудата која толку многу ти посакувам што побрзо да ја дочекаш (каква и да е, се разбира).

Извини Орце, што лошиот Груевски те стави во незгодна положба да мораш да му ги купуваш криминално стекнатите плацови на Водно, па уште најсериозно да изјавуваш дека ‘не сфаќаш зошто си обвинет’.

Но најмногу извини, за рекетирањето од Катица и кретенон Боки. Извини што за проклети пари уништија сè, и те направија жртва во ситуација кога требаше да докажат дека си главна пералница на пари на режимот со испрани над 10 милиони евра.

Извини што поради нивната алчност, најверојатно ќе ни се ускрати привилегијата да те видиме зад решетки по чиста и неизвалкана судска постапка.

И на крај, извини Орце, што сите ние ‘злонамерници’ во јавноста се дрзнуваме да се израдуваме по малце секогаш кога ќе помислиме дека правдата по која сме толку многу жедни е чекор поблиску, иако се’ уште речиси безнадежно далеку.

Се надевам дека со ова, твојата чест и углед се повторно на блескавото и беспрекорно ниво на кое беа пред мојата дрска објава“, напиша Богоевски на Фејсбук.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Сари: Италијанскиот фудбал доцни 30 години зад европскиот, стадионите ни се катастрофа

Следно

Владата избрала шест кандидати за амбасадори, Османи одби да ги открие имињата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian