Трагичната судбина на Ерик Клептон: Болката за загубениот син никогаш нема да престане

12 mins read

Познатиот блуз и рок кантавтор Ерик Клептон ја почувствувал изреката „тоа што не те убива, те прави посилен“ на своја кожа. Тоа што го обележа неговиот живот е силната грижа на совест за прераната смрт на неговиот четиригодишен син, но, иако постоеле денови кога немал сила да стане од кревет, тој некако успеал да продолжи понатаму, пишува „Glossy“.

Ерик Клептон е роден е на 30 март 1945 година во Рипли, Англија, како прв син на шеснаесетгодишната Патриша Моли Клептон и дваесет и четиригодишниот војник Едвард Волтер, кој го напуштил своето семејство по раѓањето на Ерик. Затоа Ерик израснал во куќата на неговата баба Роза, долго време верувајќи дека мајка му е всушност неговата постара сестра. Кога наполнил осум години, мајка му се премажила и заминала во Канада, додека малиот Ерик го оставила кај баба му. Тој ја добил својата прва гитара од баба му за неговиот тринаесетти роденден, па иако овој инструмент му изгледал тежок и грд, тој првпат ја зел во раце кога имал седумнаесет години и го формирал својот прв бенд, The Roosters.

„Моето детство беше сѐ, само не обично растење. Иако мојата баба се обидуваше да надомести за сѐ што ми недостасуваше, јас чувствував голема празнина во душата и во срцето. Не знаев кој ми е татко, а за мајка ми мислев дека ми е постара сестра. Сѐ тоа и не беше толку страшно додека не тргнав на училиште, а мајка ми засекогаш го напушти семејниот дом. Иако тие беа некои минати времиња во кои луѓето беа многу посмирени, децата можат да бидат толку злобни колку што не може да биде ниту еден возрасен човек. Ме нарекуваа со погрдни имиња, трчаа по мене и ме задеваа кога и да стасаа, тоа беше нивно хоби. Кога се враќав од училиште, трчав во соба и плачев со часови за да не ме види никој. Од тие солзи произлезе желбата да почнам да се занимавам со музика“, раскажал музичарот.

Иако на почетокот му било тешко да се вклопи со другите деца, свирењето гитара му донело популарност за која никогаш не ни сонувал.

„Кога почнав да свирам гитара на седумнаесет години, сите одеднаш ме засакаа и ме поздравуваа на улица, што малку ме повреди. Поради несигурност, уште тогаш решив да создадам свет во којшто јас ќе си бидам главен“, објаснил Клептон.

Девојките биле вљубени во неговиот талент за пеење и во раната младост имал многу љубови поради кои пател. Многу од девојките кои ги запознал оставиле трага на неговото срце.

„Од седумнаесет години, па сѐ до дваесет и пет години го живеев животот во потполност. Правев сè – пиев, се дрогирав и менував жени. Се заљубив во некои од нив, а на некои не се ни сеќавам на имињата. Создадов убави песни, а некои од нив се големи хитови денес“, пејачот бил искрен.

Во седумдесеттите години од минатиот век, Клептон ја започнал својата солистичка кариера, која била навистина успешна. Но, од друга страна, неговиот приватен живот почнал да се распаѓа. Неговата прва голема љубов била Пети Бојд, сопругата на неговиот најдобар пријател, Џорџ Харисон.

„Малку по малку, ми стана опсесија. Исто како кога нешто не може да ти излезе од глава, без разлика колку се трудиш да не размислуваш за тоа, а фактот дека беше сопруга на мојот најдобар пријател ме натера да се чувствувам чудно – горко и слатко во исто време“, вели Ерик и споделил дека еден од најтешките денови во неговиот живот бил денот кога решил да му каже на Џорџ дека е вљубен во неговата сопруга.

Џорџ Харисон и Пети Бојд / Фото: Profimedia

„Долго време размислував што да правам. Не е дека не се борев, но секој ден чувствував сѐ поголема потреба да ја земам Пети во раце и да биде само моја. Нивниот брак и онака се распаѓаше, а јас мислев дека немам што да изгубам. Немав избор, морав да направам нешто. Некои можеби мислат дека сум бил себичен, но не сум. Сакав да ја прекинам агонијата што постојано ја чувствувавме сите тројца, а која како црн облак ни висеше над главите. Ние двајца веќе бевме во врска и ми се чини дека воопшто не бевме дискретни. Решив да бидам џентлмен и да ја преземам целата вина на себе. Кога му кажав на Џорџ дека сме заедно, ми се чинеше дека тој веќе го знаеше тоа“, се присетил легендарниот музичар, кој како и повеќето рок ѕвезди се соочувал со зависности.

Ерик Клептон на својот концерт во 1974 година / Фото: Profimedia

„Не знам како влегов во сѐ тоа. Кога ќе пробате хероин за првпат, многу е тешко да му одолеете подоцна, а тие седумдесетти беа проклети во секоја смисла на зборот. Постојано бев дрогиран, а потоа решив дека е дојдено време да престанам да се глупирам и да најдам начин да си помогнал“, споделил Клептон.

Заедно со својата сакана Пети, Ерик извесно време се повлекол на својот имот во Англија, а неговата сакана се грижела за музичарот и направила сѐ за да го излечи од зависноста од хероин. Таа успеала во тоа со својата безгранична љубов, а парот се венчал на приватна церемонија во 1979 година. Сепак, овој музички гениј почнал да се втурнува во нов порок.

„Ми требаше долго време да си признаам дека сум алкохоличар . По хероинот, пијалокот дојде како лесна забава, но јас пиев многу. Не можев да замислам ден без пијалок, а потоа кога првпат сфатив дека не можам да пеам во алкохолизирана состојба, му се јавив на мојот продуцент и му кажав дека станав алкохоличар . Тогаш размислував за самоубиство“, рекол Ерик.

Со помош на пријателите и неговата сопруга, тој во 1982 година отишол на лекување во Минесота и таму поминал помалку од една година, а по враќањето повторно почнал да работи со полно работно време.

Ерик Клептон и Лори дел Санто, со нивниот син Конор / Фото: Profimedia

И токму кога сите помислиле дека неговиот живот е целосно среден, во 1984 година тој признал дека е во врска со манекенката Ивон Кели, со која една година подоцна ја добил ќерката Рут, која не сакал да ја признае сѐ до почетокот на деведесеттите. Кавгите меѓу него и Пети зачестиле бидејќи таа не можела да остане бремена, а во меѓувреме Ерик го добил и синот Конор со италијанската актерка Лори дел Санто. На крајот, Ерик и Пети мирно се развеле.

„Сакав Пети да остане бремена, со сѐ се обидовме, но едноставно не одеше. Јас сакав деца повеќе од сѐ, а таа стана неподнослива и како повеќе да не сакаше да се бори за нашето потомство. Лори се појави како некој што сака и може да ми ја исполни големата желба. Не бев заљубен во неа, но со текот на времето се заљубив во неа. Кога Конор се роди, ѝ реков дека таа е жената на мојот живот. Мојот развод помина без проблеми, а јас сум ѝ благодарен на мојата најдрага Пети која двапати ми го спаси животот. Благодарен сум и што ја сфати мојата потреба да бидам татко. Таа е прекрасен и голем човек“, истакнал Клептон.

Ерик Клептон и син му Конор / Фото: Profimedia

Едно мрачно утро, во март 1991 година, страшна вест го разбуди Клептон. Крикот на неговата љубовница бил причина за долгогодишната несоница на музичарот.

„Што и да направев во животот, без разлика колку време помина, никогаш нема да престанам да плачам кога ќе се сетам на тој мраче ден кога почина мојот син. Се сеќавам дека бев во нашиот стан во Њујорк. Заѕвони телефонот. Слушнав крик, а потоа нешто налик рикање на лавица. Не можев да разберам за што зборува Лори, а откако малку се опорави ми рече: ‘Конор е мртов!’ Не можев да поверувам дека починало четиригодишно дете, а потоа кога ми објасни дека паднало од прозорецот од четириесет и деветти кат, сфатив дека повеќе го нема.

Лори дел Санто со синот Конор / Фото: Profimedia

Веднаш отидов кај неа, полицијата веќе беше пристигната, а телото на детето беше однесено. Отидов во блискиот бар, нарачав сок од боровинки, плачев цел ден и цела ноќ, а потоа отидов во мртовечница да го идентификувам телото. Масата беше толку голема, а тој беше толку мал на неа. Иако телото му беше на парчиња, лицето за среќа останало неповредено. Изгледаше толку мирно, како да спие. Беше страшно и беше огромна болка“, опишал Клептон низ солзи.

Во следните десет години, Ерик се повлекол и тивко страдал за својот најмил син, а за него ја напишал и песната „Tears In Heaven“ која освои шест Греми награди. Не излегувал од дома со години, се борел со себе, со своите демони, но работата му помогнала да закрепне.

„Не можам да плачам за својата судбина повеќе. Навистина ми беше тешко, немав сила да станам од кревет, животот ми немаше смисла, но морав да продолжам понатаму. Работев напорно и тоа ми беше единствената работа која ме правеше среќен. И тогаш, ја сретнав неа…“, раскажал тој, кој на крајот од 1999 година ја запознал 23-годишната Мелија Мекенри која со својата младост му ја вратила желбата за живот.

Ерик и Мелија со две од нивните ќерки во 2007 година / Фото: Profimedia

„Нејзината позитивна енергија ме заплетка во пајакова мрежа. Со часови можев само да го слушам нејзиниот глас . Нејзината кожа беше кадифена и мирисаше на ванила. Не ја симнував насмевката од лицето“, се присетил кантавторот, кој на 1 јануари 2002 година се оженил со новата сакана, со која има три ќерки – Џули Роуз, Ели Меј и Софи Бел.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Ќе ве расплаче: Канадски пар вдомил куче од Индија

Следно

Јубилејот на Гачевски беше крунисан со победа на Вардар

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian