Стефанија Несторовска ни приготви мафини со блитва и маслинки

3 mins read

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, за денеска ни приготви здрави и необично вкусни мафини, идеални за појадок, ужина или за вечера.

Состојки:

– 180 гр (2 шолји) овес, ситен
– 1 лажичка сол
– 1 лажичка прашок за пециво
– 120 мл (1/2 шолји) јогурт**
– 2 јајца
– 3 лажици масло (јас користев маслиново масло)
– 1-2 снопчиња блитва
– една шака сецкани маслинки
– сусам и сончоглед за топинг, по желба

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Се загрева рерната на 180 степени се подготвуваат калапи за мафини. Јас користев силиконски калапи, најубави ми се за користење и најлесно се вадат мафините после печење. Ако користите силиконски – нема потреба да ги мачкате со масло претходно. Ако користите тава за мафини тогаш ќе биде потребно убаво да се премачка.

Во голем длабок сад се додаваат овесот, солта и прашокот за пециво. Се промешува.

На смесата се додаваат и останатите течни состојки (освен маслинките и блитвата). Се промешува.
Блитвата се сецка на ситни лентички и се додава на смесата заедно со маслинките. Се промешува само колку да се изедначат низ смесата.

Доколку е потребно додадете повеќе јогурт. Смесата треба да биде доста густа ама лесно да се додава во калапите. Додадете ја пишаната количина па потоа додавајте малце по малце. Смесата треба да личи нешто слично на „попара“. Тоа е единствена споредба што ми текнува во моментов.

Се додава смесата во 10-12 калапи за мафини. Се додава од сусамот и сончогледот одозгора и се печат 15 минути.

Оставете да зацврстат пред да ги извадите од калапите. Може да ги чувате на собна температура 1 ден, во ладилник до 3-4 дена или во замрзнивач до 1 месец.

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ Јас не го изблендирав овесот пред да го користам во рецептов и искочија секако вкусни и убави на текстура. По желба може да си го изблендирате претходно за по фина текстура иако не е потребно. А ако веќе имате овесно брашно дома, слободно може да си го искористите во рецептов.

→ Блитвата и маслинките се мојот избор за филинг на мафинкиве ама слободно бидете креативни па додадете си го својот омилен топинг. Сирење, кашкавал, можеби пршутка, спанаќ, рендани моркови и слично….

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Детали за полициските акции во Арачиново и Радуша, уапсени неколку нарко-дилери

Следно

ВИДЕО: Уште една МВП партија на Јокиќ против Минесота

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian