Орбан влезе во директен конфликт со Украина, во Унгарија тензични избори

3 mins read

По интензивната кампања во која доминира руската инвазија на Украина, Унгарците во недела излегуваат на гласање, а анкетите му даваат мала предност на актуелниот премиер Виктор Орбан.

За прв пат по 12 години, опозицијата обединета ќе ѝ се спротивстави на владејачката партија Фидес.

Предноста на Фидес е минимална, па сите опции се на маса, изјави за Франс прес Булчу Хунјади, аналитичар во независниот институт Политикал капитал.

Тој смета дека „мобилизацијата од последните неколку дена“ ќе биде клучна, бидејќи во таа земја со 9,7 милиони жители, половина милион сѐ уште се неопределени.

Орбан во петокот го одржа својот последен митинг во градот Секешфехервар, додека неговиот противкандидат, лидерот на опозицијата Петер Марки-Зај, во сабота го има последното обраќање во главниот град.

Иако го поддржуваше Киев на европско ниво, владата на Орбан одби да дозволи транзит на оружје за Украина преку нејзина територија и, рече Хуњади, го сведе конфликтот во соседството на едноставно прашање: дали Унгарија треба да се вклучи или не.

Аналитичарите посочуваат и дека реформите на изборниот систем во текот на годините ѝ донесоа корист на владејачката партија, што владата го отфрла.

„Теренот е апсолутно еднаков за сите“, изјави владиниот портпарол Золтан Ковач.

Ковач ја критикува Марки-Зај дека е само личност без партија и следбеници. Тој се истакна кога го порази Фидес и стана градоначалник на Ходмезовасархељ, но има тешка задача да води коалиција на широк спектар партии, од десничарскиот Јобик, до либералите, зелените и социјалдемократите.

Овие политички опции се обединети во желбата да се собори Орбан и неговиот „нелиберален“ модел на демократија што Фидес го гради од 2010 година, често во конфликт со Брисел.

Изборот пред Унгарците „никогаш не бил толку лесен“, вели 49-годишниот Марки-Зај.

Тој нагласува дека Унгарија треба да го избере патот на „Европа, а не на Исток“, притоа мислејќи на односот на владата кон Москва и Пекинг.

Владата на Орбан беше критикувана и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го посочи унгарскиот премиер дека има блиска врска со рускиот претседател Владимир Путин.

Унгарската влада возврати дека Украина се обидува да влијае на изборите во недела.

Покрај изборите во недела, се одржува и референдум за ЛГБТ образование во училиштата, а за првпат во Унгарија ќе бидат над 200 меѓународни набљудувачи.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Како во 70-тите спроведуваа инспекции во скопските маркети?

Следно

ВИДЕО | Дино Мерлин со нова песна: „Прости“ е многу силен збор за еден маж

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian