Почнува исплатата на минималната плата од 18.000 денари

2 mins read

Од овој месец почнува исплатата на зголемената минимална плата од 18.000 денари. Се очекува околу 80.000 работници во државава да земат повисока плата за околу 2.800 денари.

Зголемувањето на минималната плата беше договорено на 7 февруари на седница на Економско-социјалниот совет по неколкудневни преговори. Зголемувањето на минималецот е потпомогнато од страна на државата која ќе одвои 16 милиони евра од Буџетот за да ја покрие разликата во придонесите до крајот на годината.

Сменета е и методологијата за пресметување на минималната плата и отсега таа не ќе може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата. Минималната плата ќе се формира и како 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот.

Владата очекува дека зголемувањето на минималната плата позитивно ќе влијае и врз растот на останатите плати. Оттаму денеска посочија дека процентуално во периодот 2012-2016 година минималната плата е зголемена за 25,2 проценти, а за периодот 2016-2022 година 78,6 проценти.

–Дефинирано е дека висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата. Ова значи дека растот на минималната плата во иднина ќе биде возможен без дополнителни интервенции и очекуваме многу брзо, таа да ја надмине и сегашната договорена сума. Дополнително, државата ќе го субвенционира делот врзан за придонеси, со што се олеснува процесот, за сите засегнати страни. Владата се грижи за стандардот на граѓаните и посветено работи за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна, се наведува во денешното соопштение од Владата.

Дел од синдикатите бараат усогласување на останатите плати со минималната плата поради што во средата се одржа предупредувачки протест организиран од Конфедерацијата на слободни синдикати, а Синдикатот за образование, наука и култура најави генерален штрајк од 11 април.

kurir.mk

Претходно

ВИДЕО | Павловска Данева: Мора да има јавен договор во наредните 15 години да нема вработување во администрацијата

Следно

На просторот планиран за станбени згради во Аеродром, ќе никне нов парк

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian