Српската пејачка Гоца Тржан и нејзиниот сопруг Раша Новаковиќ, по неуспешните вештачки оплодувања (ин витро) донеле одлука да посвојат дете, пишуваат српските медиуми.
– Гоца беше многу тажна кога доби негативен резултат, меѓутоа, не се откажува, таа е голем борец и не сака да „падне“, а најголема поддршка има од сопругот Раша. Иако по петти пат се подложија на вештачко зачнување, веројатно ќе се обидат повторно за некое време. Меѓутоа, разговараа и решија доколку наскоро не успеат како родители, да започнат со процесот на посвојување. Разговарале со Сергеј Ќетковиќ, кој посвои две девојчиња и тој им објаснил се за постапката. Бидејќи веќе ја има ќерката Лена, Гоца би сакала да посвои момче – вели извор за „Стар“.
За одлуката да посвојат дете неодамна за српските медиуми зборувала и пејачката.
Гоца открила дека таа и Раша немаат можност да посвојат новороденче. Според српскиот закон, 48-годишна жена не може да посвои штотуку родено бебе, бидејќи разликата помеѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години.
– Процедурата околу посвојување деца е морничава бидејќи мора да се исполнат различни барања, а има и одредени ограничувања. Мора две-три години да собираш хартии и да се малтретираш со глупости. Разговарав со Сергеј Ќетковиќ, кој ги посвои своите ќерки и кој ќе се обиде да направи нешто за да ги забрза тие процедури. Бидејќи не можеме да посвоиме бебе, јас и Раша се договоривме да избереме дете на кое финансиски ќе му помогаме – открива Тржан за „Глорија“.