Доктор Елена Арсова: Што е алопеција ареата, болеста со која се бори сопругата на Вил Смит?

3 mins read

Алопеција е болест која многумина плаши, но како да ја препознаете навреме и кои се симптомите? Дали има последици од алопеција и како да се лекува? На овие и други прашања одговара доктор Елена Арсова, трихолог.

Терминот алопеција значи губење на косата. Кај алопеција ареата, ненадејно се појавуваат една или повеќе тркалезни дамки без влакна, најчесто на скалпот. Алопеција ареата исто така се нарекува и автоимуна алопеција.

Кај кого се појавува алопеција ареата?

– Алопеција ареата може да ги погоди и мажите и жените на која било возраст. Оваа состојба започнува во детството кај околу 50 отсто од пациентите, а пред 40-годишна возраст кај 80 отсто. Семејната историја на алопеција ареата и/или други автоимуни болести е присутна кај 10-25 отсто од пациентите.
Пациентите со алопеција ареата имаат поголема стапка на заболување на тироидната жлезда, витилиго и атопична егзема. Постои зголемена преваленца кај пациенти со хромозомски нарушувања како што е Даунов синдром.

Што предизвикува алопеција ареата?

– Моменталните докази сугерираат дека алопеција ареата е предизвикана од абнормалност на имунолошкиот систем што ги оштетува фоликулите на влакната. Оваа посебна абнормалност доведува до автоимуност, неисправен имунолошки систем кој има тенденција да го нападне сопственото тело. Како резултат на тоа, имунолошкиот систем напаѓа одредени ткива во телото. Кај алопеција ареата, од непознати причини, телесниот имунолошки систем ги напаѓа фоликулите на влакната и го попречува нормалното формирање на косата. Алопеција ареата повремено се поврзува со други автоимуни состојби како што се болести на тироидната жлезда, витилиго, лупус, ревматоиден артритис и улцерозен колитис. Дијагнозата или лекувањето на овие болести веројатно нема да влијае на текот на алопеција ареата. Понекогаш алопеција ареата се јавува кај членовите на семејството, сугеријајќи на улогата на гените.

Кои се клиничките карактеристики на алопеција ареата?

– Опишани се неколку клинички обрасци. Потешката болест е поврзана со младите луѓе, кај кои истовремено постои и атопична егзема.
Повеќето пациенти немаат никакви симптоми, а случајно се забележува поле без влакна, кое често го открива фризер. Други пациенти опишуваат горечка, бодликава непријатност во погодените места – ова е познато како триходинија.

Како се лекува алопеција ареата?

– Текот на типичната алопеција ареата не е предвидлив со голема веројатност за спонтана ремисија. Колку е подолг периодот на опаѓање на косата и колку е поголема опфатената површина, толку е помала веројатноста дека влакното спонтано ќе се обнови. Затоа, постојат различни третмани, но ниту еден од нив не може со сигурност да се предвиди дека ќе влијае на текот на оваа болест.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Рударска несреќа во Србија: Во експлозија загинаа 8 рудари, спасени се 58 рудари

Следно

ВИДЕО | Павловска Данева: Мора да има јавен договор во наредните 15 години да нема вработување во администрацијата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian