Родителите кои се сомневаат дека бебињата им се украдени непосредно по раѓањето, се незадоволни од работата на српското Обвинителство и бараат одговор – до каде е истрагата за три нови случаи на исчезнати бебиња, пишува РТС.рс.
Поднесени се кривични пријави против семејства од Белград и од Сремска Митровица. Здруженијата на родители потсетуваат дека податоците и доказите ги предале во Обвинителството пред цели две години.
„Ние поднесовме пријава против точно одредена мајка која тоа не е, а која е впишана во книга на родените како мајка. Еве до денеска, по две години поднесена пријава, не знаеме ниту дали таа мајка е повикана да даде изјава. Ние тука имаме проблем со постапување на надлежните јавни обвинителства, кои се должни по овие пријави да постапуваат и нам да ни одговорат што сработиле“, вели Милена Јанковиќ од Здружението за исчезнати бебиња од Белград.
Од здруженијата тврдат и дека постапките се попречуваат и дека дури и кога судиите ќе им се обратат на институциите, воглавно добиваат одговор дека нема документација.
„Во истрагата дознавме дека одредена документација се наоѓа во просториите на БИА, дека е микрофилмувана документација од Клиниката Вишеградска и судиите сега се обидуваат да дојдат до тие истории на болести“, изјави Мирјана Новокмет од Белградската група на родители на исчезнати бебиња.
Дојдовме до сознанија дека огромна документација е уништувана од 2007 година до денес, со поддршка на Архивот на Србија и со поддршка на претставници на одредени институции, тие се покривале едни со други“, вели Радиша Павловиќ од Здружението За вистина и правда за исчезнатите бебиња.