Делумен реванш за неуспехот во финалето од Купот на Македонија остварија играчите на МЗТ Скопје Аеродром во вечерашниот меч на домашен терен против ТФТ (93:87), во кој дојдоа до осмата по ред победа во Првата лига и го продолжија притисокот врз Пелистер во трката за првото место.
„Штрковите“ го обезбедија триумфот во второто полувреме, во кое прво во третата четвртина со серија 17:3 дојдоа до убедливи 72:58, за на стартот на последниот период да зголемат и на „плус 18“ (81:63), со што целосно го откажаа противникот од надежта за освојување на бодовите во Аеродром.
Браќата Војдан и Дамјан Стојановски одиграа одличен меч со 21 (пет тројки) односно 17 поени, а фантастичен беше и Немања Милошевиќ со „дабл-дабл“ ефект со 18 поени и 15 скока.
На ниво на задачата беше и Кристијан Николов со 16 поени и шест асистенции, додека Роберт Рикиќ дополни со 11 поени и седум скока. На спротивната страна Ландриус Хортон запиша 23 поени, а Џермејн Бишоп имаше 16 поени и пет асистенции.
Ова беше последен меч од 20 прволигашко коло по кое МЗТ е втор со скор 17-3, односно со една победа помалку во однос на лидерот од Битола. На две кола пред крајот на регуларниот дел, ТФТ сè уште не ја завери суперлигашката виза. Останува на скор од 12 победи, сега и осум порази, колку што имаат Гостивар и Еуро Никел 2005, на делба на четвртото место.