Австрија инсистира Македонија да преговара со ЕУ

6 mins read

Сличен став како тој на австриската министерка за скоро придвижување на евроинтеграцискиот процес за Македонија изнесе и бугарскиот премиер Кирил Петков, но шефицата на неговиот кабинет објасни дека позицијата на Бугарија засега нема да се промени.

Работите помеѓу Бугарија и Македонија може да се придвижат кон деблокирање на преговорите на земјава со ЕУ, имам добро чувство дека билатералните проблеми наскоро ќе се решат, порача вчера во Скопје австриската министерка за ЕУ и за уставни прашања Каролине Едштадлер. Сличен став за скоро поместување на евроинтеграцискиот процес неодамна изнесе и бугарскиот премиер Кирил Петков, кој завчера вечер ги собра на состанок коалициските партнери во Владата на таа тема, но вчера шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова објасни дека позицијата на Бугарија засега нема да се промени.

Едштадлер: Вистински момент за Македонија

Зборувајќи за преговорите со Бугарија, министерката Едштадлер, која неодамна во Софија се сретна со Петков, рече дека гледа позитивни придвижувања за решавање на отворените прашања, но не објасни на што го темели оптимизмот.

– Ние како дел од ЕУ ќе направиме сè што е во наша моќ за овој регион и пред сè РС Македонија конечно да ја добие европската перспектива што ја заслужува. Јас сум оптимист дека ова е вистински момент да го поставиме курсот. Во текот на мојата посета во Бугарија, видов дека премиерот Петков работи на сите теми и постои надеж дека ќе имаме позитивен исход. Знаеме дека преговорите се водат и тоа е добар знак, а ние како ЕУ ќе се заложиме да го направиме следниот чекор, бидејќи ЕУ не е комплетна без земјите од Западен Балкан. Останува на нас да докажеме дека сме во состојба нашите ветувања и да ги одржиме – изјави Едштадлер на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Таа повтори дека Австрија е голем пријател на Македонија и дека верува оти војната во Украина дополнително ја покажа потребата земјите од Западен Балкан што побргу да се интегрираат во ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ нагласи дека Австрија е голем поддржувач за одржување прва меѓувладина конференција со која Македонија ќе ги почне преговорите. За спорот со Бугарија, тој рече дека преговорите се водат со силен интензитет и дека нашата страна ги штити своите интереси.

– Историчарите треба да ги дадат одговорите за историските прашања. Интензитетот на политичките преговори со Бугарија од 17 јануари наваму не е намален. Нам ни е важно да најдеме достоинствено и фер решение, кое нема да го допира македонскиот јазик и идентитет. Многу внимателно и одговорно ги водиме овие преговори имајќи ги на ум нашите интереси и сметаме дека тоа ќе нè донесе до решавање на спорот на правилен начин – рече Маричиќ.

Тој го повтори ставот на државниот врв дека сè уште нема конкретен документ околу кој двете страни се согласиле, а ако такво нешто се случи, јавноста ќе биде информирана. За напредокот постигнат во историската комисија за кој неодамна зборуваше Петков, Маричиќ истакна дека треба соопштат самите историчари.

Мешовитата комисија денеска и утре во Скопје ќе одржи нова средба на која на дневен ред се заклучоците и препораките за учебниците за цар Самоил и за средновековниот период, како и за ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев. Според копретседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев, променета е работната атмосфера во Комисијата и во последно време е многу попозитивна и поконструктивна од порано, што дава надеж дека е можно да ги усогласат заклучоците.

Бориславова: Позицијата на Бугарија нема да се промени

Бугарските медиуми информирајќи за средбата на премиерот Петков со лидерите во владејачката коалиција потсетија на неговите зборови дека за Македонија има место во европското семејство и тоа треба да се случи што е можно поскоро, кои тој ги кажа и пред премиерите на државите членки на НАТО од Југоисточна Европа. Петков рекол дека Бугарија и нејзината влада се посветени да се постигне тоа, но има прашања што треба да се разјаснат етапно, меѓу кои се и правата на малцинствата.

Но, вчера шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова, изјави дека позицијата на Бугарија нема да се промени. Наскоро во Бугарија ќе престојува еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи и ќе се разговара за дијалогот со Македонија. Не станува збор за забрзување на постапката, вели таа, туку за преговарачка постапка што дава реални резултати.

– Двете земји работат заедно, постои подобрен дијалог и од двете страни вистинска желба да се постигнат резултати за да се расчистат насобраните тензии – рекла Бориславова на Бгнес.

И вицепремиерката Корнелија Нинова потврди дека одржале коалициски совет со Петков, што според неа, не е ударна вест затоа што средбите се редовни.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 31 март: Посебни професионални можности

Следно

„Платите во образованието да се усогласат со Колективниот договор, ги поддржуваме протестите на синдикатите“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian