Статистика ќе ги објави резултатите од пописот

4 mins read

Среќен сум што овој попис, кој го правиме по точно 20 години, и покрај сите предизвици, е темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество – изјави Апостол Симовски, директор на Статистика.

По речиси 20 години без валидни податоци за структурата на населението во земјава, денеска во Македонска филхармонија во Скопје ќе бидат презентирани најновите бројки од пописот на населението и домаќинствата, што беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата година.

Настанот на кој ќе бидат презентирани резултатите од пописот, како што информираше Државниот завод за статистика, е поделен во два дела: Во првиот дел, со почеток од 11 часот, ќе бидат доделени благодарници на институциите што придонеле за успешното спроведување на „Попис 2021“, а во вториот дел, со почеток во 12 часот, ќе бидат објавени податоците.

На презентацијата ќе се обратат директорот на ДЗС Апостол Симовски, заменик-директорот Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц. Се очекува присуство на премиерот Димитар Ковачевски, на членови на Владата, на претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, претставници на агенции, институции и организации, како и делегации на статистичките заводи и институти од  регионот и пошироко, велат од ДЗС.

Како што беше објавено по завршувањето на пописот, во текот на операцијата се попишани вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и  837.255 станови. Од ДЗС тогаш информираа дека, со примена на комбиниран пописен метод  и со користење на новите техничко-технолошки алатки, се овозможи ефикасно следење на попишувањето и опфатот на единиците на попис на терен. Изразено во проценти, 91 отсто од објектите за живеење биле предмет на попис, а 9 отсто се објекти што не беа предмет на попис.

– Среќен сум навистина што овој попис, кој го правиме по точно 20 години и покрај сите предизвици е темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество. Тоа за еден човек како мене, кој целиот свој работен век го поминал во различни аспекти на статистиката, е особено важно и затоа сум исклучително задоволен и од процесот и од исходот – изјави за МИА директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Вкрстената анализа на сите податоци, според Симовски, не остава простор за манипулација, а располагањето со прецизни информации за реалната состојба на населението ќе ѝ обезбеди на државата можност да креира политики што ќе можат подобро да одговорат на потребите на граѓаните и бизнисот.

– Објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет податоци што ќе биде објавен утре, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик што вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следуваат ќе бидат објавувани сетови податоци за образовните и за економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост. Некои од податоците ќе бидат објавени во пригодни публикации, а сите податоци, на сите нивоа, ќе бидат достапни во Макстат базата на податоци на нашата веб-страница – информира Симовски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Без Салах, познати учесниците на Мундијалот кои доаѓаат од африканската зона

Следно

Променливо време со сончеви периоди, дожд во најава

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian