Пендаровски се сретна со австриската министерка за ЕУ: Историјата не смее да биде пречка за евроитеграцијата 

2 mins read

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ја прими австриската сојузна министерка за ЕУ и Устав, Каролине Едштадлер, која престојува во посета на земјава.

Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, во контекст на австриската поддршка за евроинтегративните процеси на земјата и регионот, претседателот Пендаровски и министерката Едштадлер укажаа на итната потреба од ефектуирање на безусловната одлука од март 2020 година на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување на преговарачкиот процес, особено по последните случувања во поширокото соседство и геополитичките и безбедносни предизвици врз европскиот континент предизвикани од руската воена инвазија врз Украина.

Шефот на државата Пендаровски истакна дека Австрија како докажан пријател на регионот, има суштинска улога во приоритетизирањето на прашањето за политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан и токму со оваа посета на министерката, во моментот кога во фокусот на Унијата е друг регион од континентот, се валидира ургентноста на нашето европско досие.

– Во таа смисла, претседателот Пендаровски се заблагодари за реафирмирањето на австриската позиција, за европската перспектива на Северна Македонија, како и ставот дека секое одлагање на меѓувладината конференција со ЕУ, може да биде сигнал за други сили кои работат спротивно на европските вредности. Покрај ова, претседателот Пендаровски порача дека секое натамошно одложување на почетокот на преговорите, придонесува за растот на евроскептицизмот во земјата и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни, се посочува во соопштението.

На средбата се разменети мислења и за статусот на преговорите со Бугарија и можните изгледи за деблокада на нашиот европски пат. Соговорниците се согласија дека наметнатите предизвици не смеат да бидат дел од преговарачката рамка и дека стратешката геополитичка улога на Унијата, особено потребна денес, мора да кореспондира со иднината и визијата на регионот, за што пак, историјата не смее да биде пречка.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Проблеми за Реал Мадрид, Карло Анчелоти позитивен на коронавирус

Следно

Средба на претседателот Стево Пендаровски со австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian