До каде сме на патот кон ЕУ, пратениците дискутираа за Извештајот на Еврокомисијата за 2021 година

5 mins read

Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2021 година, денеска се најде пред пратениците. За мнозинството, Извештајот бележи напредок во повеќе области и подготвеност на државата да почне пристапни преговори, додека за опозиција тој нотира пад во повеќе поглавја со што води кон генерална оценка за државата како негативна и загрижувачка.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски рече дека Комисијата правилно ги „согледала и вреднувала лошите владини политики”.

– За 2021 година, Македонија ја има добиено најниската средна оценка досега, тоа е 1,52. На пример, 2009, 2010, 2011 заклучно со 2015 година, просечната оценка е над 2. Во 2016, првпат, просечната средна оценка паѓа под 2 и е 1,76. Истото се повторува и во следните години. Во 2020 година има мал напредок, оценка 2. Во 2021 година ја имаме најниската оценка, која некогаш ја дала Европската Комисија, како средна оценка – 1,52. Ако одиме по поглавја, може да се види дека најзабележителен е падот во поглавјето за слободно движење на стоки. Потоа, следи поглавјето за слободно движење на работниците, што порано беше оценувано со 2, а последните четири години со нула, што значи нема напредок, истакна Милошоски, кој рече дека во многу други поглавја ЕК забележала пад.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ нагласи дека вкупната оценка за 2021 година е 3,11 или добро ниво на подготвеност, а напредокот е 2,83 со средна оцена, бидејќи, како што рече, распонот на оценки е од 1 до 5, според нашата методологија, а според тоа што го прави Парламентарниот институт е од 1 до 4, затоа оценките се разликуваат.

– Подготвеноста по кластери по новата методологија, недвосмислено покажува дека Северна Македонија има најголема подготвеност во регионот, со средна оценка 3,02, во кластерот еден – темели. Поголема оценка од оние кои веќе преговараат за членство. На пример, Србија е со оценка 2,68, а Црна Гора е 2,83. Како што е познато, овој кластер се отвора прв, се затвора последен и влијае на динамиката на преговорите. Земјата, исто така, има солидно ниво на подготвеност во кластерот три – конкурентност и инклузивен раст и е на исто рамниште со Црна Гора која преговара веќе 10 години, рече Маричиќ, додавајќи дека слично е и со другите кластери.

Тој потенцира дека генералната оценка на ЕК е дека државата ги исполнува условите за отворање на пристапните преговори, а властите јавно ја демонстрираат цврсто посветеноста за напредок на земјата и нејзиниот пат кон ЕУ.

Пратеничката од СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева истакна дека Извештајот на ЕК претставува еден од клучните документи, кој ни кажува до каде сме на патот кон ЕУ.

– Државата и понатаму се движи во вистински правец и е направен добар напредок. Оценката 3,02 е вкупна оценка за подготвеност по кластери и таа оценка не треба да биде сфатена како одлична оценка и дека ние сме ја завршиле работата. Но, сепак дава добар приказ и кажува дека државата јасно се движи по патот кој е пред нас и оти во сите кластери имаме одреден напредок, некаде помалку некаде повеќе. Суштинско е дека овој Извештај е за 2021 година, во година на пандемија, здравствена и економска криза, рече Калевска Ванчева.

Пратеникот од Алијанса за Албанците, Елми Азири рече дека граѓаните на државата најдобро знаат како живеат и оти од промовираните неколку планови на Владата од 2017 година наваму, како на пример „Планот 369″, ниту еден не е реализиран и нема никакви ефекти.

– Ако направиме анализа на Извештајот, ќе видиме големи разлики од тоа што се бара од нас, и ситуацијата која реално ја имаме. Во поглавјето за човековите права, ЕК вели дека именувањето на народниот правобранител во јануари 2021 година, поттикна вознемирување поради неговата политичка определеност. Се вели вознемирување, затоа што граѓаните во државата, секој ден со соочуваат со политичка пресија, која доаѓа од Владата, вели Азири, додавајќи дека треба да се стремиме да ги достигнеме стандардите на ЕУ.

Пратениците расправаа по Извештајот до 14 часот, по што потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата и рече дека таа ќе биде дополнително закажана.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Среќен роденден Ван Гог: Приказните зад неговите дела

Следно

Малолетник нападнал друго момче, па го ограбил

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian