Претседателот на СОНК Јаким Неделков вечерва за Сител изјави дека Советот на СОНК донел одлука за стапување во штрајк на членството.
– Штрајкот ќе започне на 11 април, а до кога ќе трае, ќе зависи од преговорите со надлежните министерства и со владините претставници, или ќе трае дотогаш додека не се договориме – рече Неделков.
СОНК бара усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Синдикатот бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.
Инаку попладнево делегација на Владата, предводена од премиерот Димитар Ковачевски имаше средба со претставници на СОНК, на која беше соопштено дека е договорено „продолжување на континуираниот дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија“.