Петков под жестоки напади на „тврдокорната“ бугарска јавност

7 mins read

Публицистот Иван Николов го нападна премиерот Петков дека се однесува како „претприемач што ја дал под закуп државата Бугарија“ и дека располага со неа без да разбере некои од нејзините „најдлабоки карактеристики“.

Оптимизмот за брз напредок во односите Софија-Скопје што вчера го изнесе бугарскиот премиер Кирил Петков, во бугарското општество вчера беше дочекан „на нож“, со обвинувања дека ќе направи велепредавство и дека ја распродава Бугарија како приватен имот, а нема значајна поткрепа ниту од македонскиот државен врв што го дели ставот дека сè уште нема заеднички прифатлив документ со кој би завршил спорот. Петков рече дека во Мешовитата комисија е постигнат напредок за важни историски личности на многу конструктивен и реалистичен начин, кој отвора можност за надминување на разликите и за забрзување на преговорите, но копретседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев за „Слободен печат“ вели дека на следната средба овој четврток и петок јавноста ќе види дали има или нема напредок.

– Разликата од претходно во Мешовитата комисија за историски и образовни прашања е што работата се одвива во многу поконструктивна и позитивна атмосфера. Уште нема постигнат конкретен заклучок за чествување одредени историски личности, но атмосферата наведува на оптимизам дека можеби ќе усогласиме заклучоци за средновековниот период и за цар Самоил на следната средба, кои потоа ќе бидат препорачана содржина за учебниците по историја. На дневен ред е и Гоце Делчев, за кој на минатата средба во февруари само ја почнавме малку дискусијата и сега ќе ја продолжиме и некои технички работи како усогласување на записниците од претходните средби – вели Ѓоргиев за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека кога ќе ги усогласат заклучоците за цар Самоил и за средновековието, потоа треба да бидат усвоени од македонската и од бугарската влада, а кога ќе се прават нови учебници што ја покриваат оваа наставна материја, идните автори ќе треба да ги земат предвид препораките и заклучоците од Владата и од Комисијата.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи на последниот брифинг пред неколку денови објасни дека има одредено приближување на ставовите со Бугарија, но не до позиција да се каже дека е најден заеднички јазик.

Доскорешниот специјален претставник на Владата за Бугарија Владо Бучковски, пак, оценува дека напредокот Историската комисија нема да може да ја компензира критичната точка за промена на Уставот, ако целта е тоа бугарско барање да се исполни до крајот на француското претседателство со ЕУ во јуни. Тој ја смета за изненадувачка оптимистичката изјава од Петков, имајќи го предвид претходното изјаснување на Османи.

– Внимателноста на Османи е врз основа на преговорите за пакетот „четири плус еден“, а оптимизмот на Петков е врз основа на наводниот напредок на Мешовитата комисија. Во вакви околности, кога војната во Украина и последиците од неа наметнуваат ургентност во затворањето на билатералниот спор, клучни ќе бидат следните неколку недели – вели Бучковски за Дојче веле.

Тој додава и дека ГЕРБ пред месец-два ѝ нудеше помош на власта во парламентот за евентуалниот компромис и за новата декларација за кревање на блокадата, но по приведувањето на Борисов, ГЕРБ нема да ја поддржува владата на Петков за ништо, а поверојатно е дека ќе се обиде да ја подели владината коалиција со помош на „македонското прашање“.

Премиерот Петков вчера рече дека местото на РС Македонија е во ЕУ, колку може побрзо, а бугарската Влада е ангажирана да се постигне таа цел, а додаде и дека некои работи што биле тешки да се надминат, сега изгледаат полесно, дијалогот ќе забрза и треба да се реши проблемот со малцинствата. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од ГЕРБ вчера го обвини Петков дека е апсолутно неподготвен и дека не ја разбира темата за односите меѓу Бугарија и Македонија, дека е очајно површен и подготвен да изврши национално предавство.

– За каква експедитивност од бугарска страна зборува Петков? За какви малцинства? Какви меморандуми ќе потпишува? Каков напредок има Историската комисија? МНР учествува ли во преговорите или е изолирано? Кој воопшто преговара? Изјавите на Петков се празни приказни, а тој може да направи огромна штета на нашата татковина за многу долго време. Не треба да го дозволиме тоа предавство – вели Ковачев.

Тој додава и дека „во Скопје станале многу дрски, бидејќи Петков ги уверил дека ќе ги пушти“.

Публицистот Иван Николов, пак, го нападна премиерот Петков дека се однесува како претприемач што ја дал под закуп државата Бугарија и дека располага со неа без да разбере некои од нејзините најдлабоки карактеристики. Во последната колумна за БГНЕС тој објаснува дека „новата“ бугарска политика кон Македонија на премиерот Кирил Петков се води по моделот Сталин-Димитров.

– И што се случува денес? Петков, во услови на тешки евроинтеграции, наместо да им ги објасни на европските партнери трагичните промени во судбината на нашите сонародници во Пиринска и во Вардарска Македонија, тој ентузијастички ги прифаќа наредбите на Сталин и се обидува да го воскресне неговиот одамна негиран метод за производство на нови народи. И како што замислувал Георги Димитров дека со трговски, железнички, културни и слични договори ќе можеме да разбудиме братски чувства во елита што се дои со млекото на умнопомрачена опозиција – вели Николов.
Тој додава дека битката на денешните елити во Скопје не е за постигнување добри, искрени и братски односи со Бугарија, туку само за зелено светло за преговори со ЕУ со „целосно зачувување на 78-годишната темна митологија на населението покрај Вардар“.

– Актуелниот премиер Димитар Ковачевски е производ на истиот систем и ќе го репродуцира истиот модел на политика, со некои површни отстапувања. За жал, неговиот бугарски колега наместо да му помогне да се соочи со вистината, стана жртва на сопственото незнаење, нудејќи решенија далеку од суштината на проблемот. Ковачевски добро ја разбира режијата на овој театар и ќе се обиде да ја игра својата улога како што е воспитан уште од мали нозе – заклучува Николов.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ќе се организира меѓународен турнир во олимписко теквондо „Скопје Опен 2022“

Следно

Приведено лице во Скопје за издржување на двегодишна затворска казна

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian