Доктор Маја Кирјас: Алергијата е најчест причинител за хроничен синузит

6 mins read

Синузит  подразбира акутно или хронично воспаление на синусите каде причинителот е од бактериска, габична, вирусна инфекција или алергија на одредени алергени.

Постојат четири групи на синуси – максиларни, фронтални, етмоидални, сфеноидални. Сите се препокриени со слузница која лачи секрет со што се одржува влажноста во ноздрите и се задржуваат надворешните честички.

Поради што настанува воспаление на синусите? Кој е главниот причинител на оваа непријатна и болна состојба?

– Воспалението на синусите настанува поради едематозна/отечена слузница со затворење на изводните канали од синусите кон носот. Тоа би значело попречена дренажа или аерација/вентилација на синусите. Евидентно е при преглед/снимка  да воочите задебелување или оток на нивната слузница. Попречен е патот за излачување на секретот кој постои во нив, воедно течноста/секрецијата се задржува во синусите и предизвикува главоболка, локална болка во пределот на синусот со што се воочува акутно воспаление или акутен синуситис.

Која е разликата помеѓу акутен и хроничен синузит? Како се манифестираат кај пациентот?

– Акутниот синузит има карактеристична болка или притисок околу очите, пациентот чувствува главоболка, исцрпеност. Карактеристично покрај болката е и зголемена телесна температура, зголемена носна секреција која ја чувствува пациентот и се слева кон грлото, намалено чувство за мирис и вкус, неретко – оток во пределот на лицето, чувство на отежнато дишење низ нос.

Хроничниот синузит е состојба која трае пролонгирано каде што најчест причинител е алергијата. Пациентите се праќаат на алерголошки тестови, имунолошки иследувања и изолирање на ИгЕ од носната слузница.

Статистички, 35 отсто од светската популација боледува од некој тип/облик на алергија – независно дали е сезонска или целогодишна. Дел од вината е и во стресниот начин на живот. Најраспоространет е алерискиот ринит, но не помалку се распоространети и другите алергиски реакции кои предизвикуваат проблеми во останатите горни и долни респираторни/дишни патишта, кожни реакции…алериски ларингит, алергиски дерматит, астма… предизвикани најчесто од пречувствителните супстанции во околината како што се поленот, тревата, коровот, цветните стебла (како најчести алергени), алергија предизвикана од храна, домашна прашина и сѐ друго со што сме опкружени.

Како да му се помогне на пациентот, кон кои третмани се пристапува за лекување на синузитот?

– Како и кај лекувањето на другите болести честопати се користи каузална или симптоматска терапија. За добра евалуација на заболувањето, неопходно е да се направи првенствено фибер-ендоскопско испитување кое се врши во амбулантски услови, безболно, неризично (се врши од најмала детска возраст)  и се евидентира состојбата на носната слузница, состојбата на синусниот отвор кон носот, јачината на воспалението, обилноста на секрецијата… Рендген дијагностиката, компјутерската терапија е неретко потребна за комплетна дијагностика и поставување на точна дијагноза.

Лекувањето зависи од причинителот на синусното заболување. Правилно е пациентот да направи микробиолошко иследување. Во случај на бактериска инфекција, детерминирањето на бактеријата и антибиограмот му помага на лекарот за правилното дејствување, ординирање на антибиотската терапија.

Во случај на вирусна инфекција се ординира антивиротик и симптоматска терапија за ублажување на симптомите. Поаѓајки од фактот дека силната вирусна инфекција прави поголемо влошување на инфекцијата се ординира и антибиотска терапија.

Деконгестивите, назалните спрејови се ординираат и кај бактериските и вирусните инфекции. Доколку станува збор за хроничен синузит неопходно е користење на антихистаминска терапија, леукотриени (во комбинација со антихистаминици), локални кортико назални спееви. Кај синузит со силна симптоматологија неретко се ординираат и системски кортико апчиња или инјекции (венски или мускулно ординирани). Важно е да се нагласи дека антихистаминската терапија како и леукотриените имаат најдобро дејство доколку се користат барем три недели. Кај алерискиот синузит може и нивно пролонгирано- неколкумесечно користење. Алергијата никогаш во потполност не можете даја излекувате, но може да ја ставите под контрола.

Имунолошкиот систем има битно влијание не само на синузитот туку на сите заболувања. За таа цел, потребно е пациентите да имаат правилна и здрава исхрана, користење на суплементи доколку имаат брзо темпо на живот. Имуностимулатори се користат за подигање на имунолошкиот систем на организмот, но сепак, за нивното користење – консултирајте лекар.

Неретко се препорачува овие пациенти да прават инхалации. Дали и колку можат да помогнат инхалациите?

– Инхалациите се исклучително добри и може да се прават и во домашни услови, бидејки инхалатори може да се набават во нашите аптеки. Речиси секогаш кога се прави инхалација во домашни услови потребно е да користите  покрај лекот и физиолошки раствор 2 мл. Сепак, за правилно користење на пишаново е потребна консултација со вашиот лекар.

Просторот во кој живее индивидуата важно е биде со одрена влажност. Во зимскиот период, суви и прегреани простории честопати ја влошуваат состојбата.

Во кој случај се применува хируршка интервенција на сунисите?

– Хируршките интервенции на синусите мора да имаат свои посебни индикации. Најчеста индикација е анатомска опструкција/оневозможеност на дишењето и дренажа на секретот во синусите. Оперативните интервенции се корегирање на носната преграда (септална девијација), хипертрофија на носните школки/конхи, назални полипи и полипи во синусните шуплини… Пред оперативната интервенција, неопходна е ендоскопска опсервација на пациентот, компјутерска томографија, магнетна резонанца.

Прим. Спец. д-р Кирјас Маја

Хирург-оториноларинголог

ЈЗУ Клиника за оториноларингологија

Клинички и Универзитетски Центар -Скопје

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Британија: Руската закана за напад на Киев останува значајна

Следно

ВИДЕО | Томевска-Илиевска: Од Институтот за педагогија излегуваат и првите учители за децата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian