Жители на кумановско се жалат: Нѐ отру погон за прегорено масло, во селото не се дише

2 mins read

Густ чад и тежок мирис на прегорено масло веќе две недели ги загрижува жителите на селото Костурник кај Куманово, објави Алсат.

Жителите на селото се сомневаат дека на 200 метри од куќите има дива рафинерија за масло, заградена со високи ѕидови. Тие се загрижени за своето здравје и велат дека не можат да излезат ни во двор, а вратите и прозорците ги држат затворени. Селаните велат дека забележале и движење на камиони со ирански регистарски таблички на локацијата.

„Во секоја куќа лошо мириса, штетна миризба и за децата и за возрасните. Мириса многу отровно и никого не праша што гради. Подигна ѕидови високи 3 метри за да не се гледа какви активности се вршат“, вели Џафер Џафери, жител на Костурник.

„Кога го купи ова, не праша никого. Кога дознавме дека ќе инвестира го контактиравме, но тој ни рече дека ќе го користи како магацин за дистрибуција на моторно масло, а не за рафинерија“, рече Ќаил Ќаили од селото.

„Одржавме состанок и го поканивме инвеститорот. Му ги кажавме нашите забелешки дека не е во ред оваа фабрика да работи, јас ја нарекувам така затоа што ја сметавме како магацин. Оваа активност го уништува здравјето на луѓето. Не знам зошто му се дозволува од институциите да работи на овој начин“, нагласи Ќани Селими, претседател на Месната заедница.

Од Општинскиот инспекторат во Куманово велат дека вакви фабрики се опасни по здравјето на луѓето и не смеат да се градат во близина на населени места. По добивањето на поплаките од жителите тие денеска излегоа на терен, но никој од фирмата не ги пречека. Главниот инспектор Бојковски рече дека фирмата нема дозвола за преработка на прегорени масла, туку само за складирање стока.

Од Министерството за екологија велат дека го добиле записникот од општинскиот инспекторат и согласно законот ќе забранат секаква активност која штети на животната средина и го загадува воздухот. Според нив, вакви обиди за преработка на прегорени масла имало и пред неколку години во Скопје и Штип, но барањата за работа биле одбиени и бизнисите биле затворени.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бајано: Македонците живеат за фудбалот и веруваат дека можат да ја победат Португалија

Следно

Украина не смее да биде продадена во преговорите со Русија, вели британска министерка

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian