Ручек за денеска: Тепсија со модар патлиџан и тиквички

2 mins read

Иако сезоната на тиквички, домати и модар патлиџан не е во полн ек, пазарите веќе се полни со овие колоритни и вкусни намирници.

Овој рецепт ќе ве воодушеви од неколку причини – лесно се подготвува, содржи здрави состојки, кремаст е и освежува во исто време.

Оваа комбинација на зеленчук ќе биде одличен прилог за јадењата со месо, но и одличен веге-ручек доколку го послужите со едноставен прилог како просо, хељда, ориз или кускус. Во комбинацијата можете да додадете и друг сезонски зеленчук.

Состојки:

– 1 голем модар патлиџан
– 2 тиквички
– 5-6 зрели домати
– 2 средни главици кромид
– 100 г ситно сирење
– 3 јајца
– 125 мл маслиново масло
– сол, зачини по желба

Подготовка:

Модриот патлиџан измијте го, излупете го и исечете го на коцки со околу 2,5 см големина. Коцките модар патлиџан ставете ги во цедилка и добро посолете и оставете ги на страна околу 30 минути. Потоа, измијте ги и исушете.

Тавата загрејте ја на средна температура и додадете три лажици масло, додадете ги исушените коцки модар патлиџан и испржете сѐ заедно. Посолете и зачинете по вкус.

Додека модриот патлиџан се пржи, измијте ги доматите и тиквичките – доматите исечете ги на кругови, тиквичките исечете ги накосо.

Рерната вклучете ја на 220 степени Целзиусови. Тепсијата намачкајте ја со масло и во неа редете го приготвениот зеленчук. Врз модриот патлиџан редете ред тиквички, ред домати.

Изматете ги трите јајца со малку млеко, ставете го сирењето во смесата, посолете и прелијте го јадењето.

Печете во претходно загреана рерна околу 40 до 45 минути, извадете го јадењето од рерната и оставете да се излади десетина минути.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Луксуз и криза на балкански начин: Навечер чашите се полни со виски, а преку ден буткаме празни колички во маркетите

Следно

Виландер: Ѓоковиќ ќе биде прв фаворит на „Ролан Гарос“, но под еден услов

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian