„Слимлајн“ се товари за измама на потрошувачи – нивната одбрана е дека Агенцијата за храна треба да го контролира составот на капсулите за слабеење

14 mins read

Во скопскиот кривичен суд денеска продолжи судскиот процес за фирмата за диететски производи „Слимлајн“ , затоа што во 2018 година ракометарот Горан Кузмановски купил од нивните таблети ,,Слимлајн Адванс“ по што излегол позитивен на допинг тест на забранетата супстанца сибутрамин. Бидејќи единствениот новитет во неговата исхрана тогаш биле споменатите капсули, решил да ги испрати на Хемискиот факултет во Белград од каде добил лабораториско вештачење дека сибутраминот е присутен. По ова, Агенцијата за храна и ветеринарство почнува постапка пред надлежниот суд против Слимлајн, а на фирмата според обвинителниот предлог и се става на товар кривично дело измама на купувачи.

Целата одбрана на Слимлајн се темели на тоа дека не тие како компанија, туку Агенцијата за храна и ветеринарство се задолжени да ги контролираат сите капсули и суплементи што ќе влезат на територијата на Македонија. Според сведочењето на сопственичката Марија Костовска, веднаш откако серијата капсули Слимлајн Адванс пристигнала на терминал за царинење, санитарен инспектор подигнал мостра за испитување врз основа на што подоцна Слимлајн добиле дозвола да го продаваат производот на територијата на целата држава, вклучително и во аптеката на Еурофарм каде ракометарот Кузмановски ги купил таблетите.

– Не би смеело да ја има оваа состојка сибутрамин ни во лек, а камоли во суплемент, зашто во земјава е забранета и не може да се најде ни на црно. Во лабораторија во Белград го дадов суплементот на испитување кога паднав на допинг тестот. Агенцијата за антидопинг на Македонија и ВАДА ме казнија и за да се обидам да ја намалам штетата, односно да докажам дека не сум конзумирал ништо, ги испратив апчињата на хемискиот факултет во Белград и таму се откри дека супстанцата е присутна, вели за Слободен печат Кузмановски.

Костовска одби да одговори на прашањето на обвинителката Наташа Крстевска Цалева дали знаела дека претходно производите на Слимлајн биле тестирани во лабораторија на Институтот за јавно здравје и биле позитивни на забранетата состојка супресант на глад – сибутрамин, поради тоа што како што рече – ќе биде изложена на срам и на медиумски притисок а така ја поучиле нејзините бранители.

Прашањето на обвинителката беше: Ќе потврдите ли на судот дека таблетите претходно биле тестирани во ИЈЗ и бил утврден сибутрамин за што вие сте правосилно кривично осудена?
Прашањето на обвинителката во судницата дојде еден ден откако новинарите на Истражувачка репортерска лабораторија објавија дека во 2018 година за Слим Лајн имало правосилна пресуда за тргување и производство со штетни прехрамбени продукти. Одбраната и се закани на обвинителката дека ќе ја тужат ако го спомне случајот понатаму, зашто тој е посебен случај и неговото мешање со тековната постапка според нив претставува влијаење на сведокот.

-До таму ли стигнавме?, праша обвинителката, на што адвокатот на одбраната одговори потврдно.

Обвинителката ја праша Костовска во својство на сведок и дали ќе му потврди на судот дека Слимлајн имале проблеми со супстанцата сибутрамин за што било правено и ништење во депонијата Дрисла. Адвокатот приговараше, судот го уважи приговорот и Костовска не одговори на ова прашање.

-При секој увоз на секоја пратка санитарен доктор зема мостра и ја испитува. Некогаш нас ни ги даваат резултатите од тоа испитување некогаш не. Не се обврзани да не информираат за резултатот. Меѓтоа врз основа на таа анализа ни дадоа одобрение за ставање во промет, децидна беше Костовска и рече дека Слимлајн немаат должност да ги контролираат состојките туку тоа треба да го прави Агенцијата за храна и ветеринарство.

Откако Агенцијата за храна и ветеринарство ја отпочнала постапката за инспекциски надзор, инспекторка отишла во аптека и нашла кутија Слимлајн Адванс која ја испратила на анализа во лабораторија на Институтот за јавно здравје. Оваа кутија според одбраната, е земена месеци откако производот веќе бил повлечен од рафтовите и не се продавал никаде во државата.

Според обвинителнниот предлог на правното лице Слимлајн му се става на товар кривино дело измама на купувачи, рече обвинителката Наташа Крстевска Цалева.

Taa, изложувајќи го случајот, рече дека во 2018 година Слимлајн увезле производ капсули „Слимлајн Адванс“ со лот 20170421 од кинескиот производител „Кунминг Лингкао Биотехнолоџи“, а на ознаката на овој производ, внесени биле податоци кои не одговарале на содржината. На етикетата пишувало дека содржат само горчлив портокал, алое, пектин од цитрон, сарса парила, ангелика и култура од микроорганизми, иако, како што рече обвинителката, во производот имало сибутрамин што било утврдено со лабораториско испитување од Институтот за јавно здравје.

Сведокот Марија Костовска која е и сопственичка на Слимлајн, рече дека капсулите Слимлајн Адванс биле регисрирани и одобрени за увоз од АХВ, а за таа цел, поднела спецификација за производот што ја подготвил производителот, уште пред увозот да биде извршен, а имале и анализа на производот, спецификација на сите состојки во него, како и сертификат за анализа на финалниот производ како и изглед и припрема на дизајнот.
Стручното мислење на АХВ било позитивно, па капсулите влегле во Македонија биле уредно царинети и платени биле сите давачки за нив.

Како што веќе пишувавме, „Слободен печат“ ја пронајде фирмата што ја произвела спорната серија апчиња брендирани како „Слимлајн Адванс”. Станува збор за фирмата „Кунминг Лингкао Биотехнолоџи Ко. Лтд“ од Кина. На интернет пишува дека можат да произведат висококвалитетни хербални и ајруведа производи, препарати против опаѓање на косата, препарати за слабеење и подобрување на машката сексуалност. Фирмата е основана во 2004 година, има 7 ленти за производство, а извоз според нивниот профил имаат во Австралија, Канада, Германија, Холандија и Велика Британија како и во источна Европа.

„Слободен печат“ откри дека на интернет постои цела база налик на „Али Експрес“ за капсули и суплементи во исхраната, препарати за слабеење и други апчиња, кои од Кина може да се нарачаат во целиот свет со достава, во огромни количини за багателни цени од 0.2 долари по парче, а за кои производителите односно кинеските фирми тврдат дека се природни и дека помагаат во одржувањето на линијата. Дилемата е што има во овие апчиња и дали може да им се верува на производителите дека ставаат само природни состојки во нив. Во меѓувреме, Слимлајн препаратите се рекламирани на Фејсбук, на Инстаграм и на приватни профили на дистрибутери и продолжуваат да им бидат нудени на македонските граѓани преку препораки од инфлуенсерки. Но, за чајот, кафето и капсулите со малини, Слимлајн тврди дека се безбедни и одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство како храна и испитани.

Адвокатите на „Слимлајн“ и на обвинетата управителка Андријана Павловиќ, се изјаснија дека делата нивните клиенти не ги сториле. Завршните зборови во предметот се закажани за 14 април во 12 часот и 30 минути во скопскиот кривичен суд.

Во повеќе европски држави и во САД веќе има случаи кога препродавачите на апчиња за слабеење од Кина, се осудени на затворски казни. Американската агенција за храна и лекови ФДА, на 8 октомври 2019 година објави дека жена од Охајо нарачала апчиња за слабеење од Кина што содржеле сибутрамин и потоа ги ребрендирала и ги продавала по осум пати повисока цена. Ги купувала за пет долари, а ги продавала за четириесет и тоа на веб страница што ја креирала за таа намена. Апчињата во лабораторијата на американската агенција за храна и лекови се покажало дека имаат сибутрамин, по што жената добила шест месеци домашен притвор, три години условна казна и 80 часови неплатена општествена работа.

Забранетата состојка „сибутрамин” за која постои сомнеж дека била присутна во една серија од Слимлајн апчињата увезени во Македонија од кинескиот производител „Кунминг Лингкао Биотехнолоџи“, е пронајдена во повеќе производи направени од истата кинеска фирма и тоа во САД, Австралија и Сингапур, поради што истите веќе имаат издадено предупредувања за своите граѓани да не ги купуваат производите.  Во земјава спорната серија веќе не се увезува и ја нема да се купи, но препаратите од истиот кинески производител во повеќе држави од светот се оценети како опасни.

Американската агенција за храна и лекови ги посоветува купувачите да не конзумираат капсули за слабеење „ЛиДа” произведени во Кина зашто анализите во федералната лабораторија во САД покажале дека содржат сибутрамин. Во САД како и во Македонија, оваа состојка е контролирана односно не е дозволена, а отстранета беше од пазарот зашто е опасна по здравјето бидејќи значително го покачува крвниот притисок и пулсот и може да е ризична за тие со историја на срцеви заболувања и да предизвика откажување на срцето, аритмии или срцеви удари. Производот ако се меша со други лекови, може да е фатален, наведува ФДА во своето јавно предупредување и ги охрабрува граѓаните да пријавуваат несакани ефекти од „ЛиДа”.

И во Сингапур властите фатиле „ЛиДа“ капсули произведени од „Кунминг Лингкао Биотехнолоџи“ со сибутрамин. Капсули со исто име се на листата за која се предупредува и во Австралија.

Ги предупредуваме конзументите дека ЛиДа капсулите за слабеење се сериозен ризик по вашето здравје и не треба да ги земате. Ги тестиравме овие капсули и откривме недекларирана супстанца сибутрамин. Ова е лек кој се дава само на рецепта и е повлечен од 2010 година зашто предизвикува проблеми со срцето. Целата пратка од ЛиДА капсулите за слабеење што го содржи недекларираниот сибутрамин е нелегална. Нашата истрага покажа дека бројни граѓани го купиле овој производ на интернет и апелираме да престанат да го земаат, пишува на страницата на австралиската Агенција за лекови.

Фирмата за препарати за слабеење Слимлајн, преку граничниот премин Табановце се обидела во една пратка односно во еден наврат, да увезе 570 килограми храна или додатоци во исхраната на кои немало етикети ниту состав ниту рок на траење, па инспектор на Агенцијата за храна и ветеринарство го забранил увозот во 2012 година, покажуваат архивите на Управниот суд во Скопје.

За случајот кој бил актуелен во 2012 година, од списите на предметот евидентирано е дека на 2 март 2012 година државен инспектор за храна при АХВ на граничниот премин Табановце извршил инспекциски надзор на робата за увоз во количина од 570 килограми од производителот ЈЛ Индустријал Груп Ко Лимитед од Нандџинг Кина, при што било констатирано дека на оригиналните пакувања не постои никакво означување, состав и рок на траење поради што не можело да се утврди дали пратката одговара на приложената пропратна документација.

Со решение инспекторот забранил стоката да биде увезена и се повикал на одредбите на Законот за безбедност на храна и Правилникот за означување на храната.

Потоа „Слимлајн“ ја обжалиле оваа одлука но и Управниот и Вишиот Управен суд ја одбиле жалбата како неоснована зашто според Законот за безбедност на храната наменета за ставање во промет во земјава, производите мора да бидат во согласност со законот а операторот со храна треба да побара од Агенцијата мислење за усогласеноста со пропишаните барања за составот на секој производ кој има намера да го стави во промет при производство или увоз на додатоци за исхрана, храна за посебна нутритивна употреба и збогатена храна и храна на која и се додадени витамини и минерали.

Слимлајн или СЛЦ Груп е регистрирана во Агенцијата за храна и ветеринарство од 23 ноември 2021 година како оператор со храна.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Рецепт за прочуениот специјалитет од тесто: Фокача е бисерот на италијанската кујна

Следно

Австријка се степала со пар од Скопје, а потоа нападнала и полицајци

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian