Македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ во дресот на Барселона ги оправдува очекувањата на турнирот од јуниорската Евролига што се одржува во Патра.
Барселона вечерва го совлада Олимпијакос убедливо со резултат 84:59, а еден од најзаслужните за победата на каталонскиот гигант беше токму нашиот млад кошаркар Симиќ.
За 16 минути на паркетот постигна 20 поени (7/8 за два, 1/3 за три и 3/5 од линијата за слободни фрлања), а додаде уште осум скока и една асистенција за индекс 25, втор највисок во неговата екипа. Поефикасен беше само неговиот клупски колега Рафа Виљар со 32 поени.
И бројот на постигнати поени и остварениот индекс се негови лични рекорди во јуниорската Евролига, во третата сезона во која настапува. Досегашниот најдобар ефект му беше 16 поени и индекс 23, од завршниот турнир минатата сезона.
Барса в сабота ќе игра против Макаби од Тел Авив кој е директен конкурент за првото место во групата. По првиот ден на турнирот во Патра двете екипи имаат максимален скор 2/0.