Македонија приреди сензација и го совлада европскиот првак Италија во полуфиналето од квалификациите за СП.
Нашите најдобри фудбалери славеа во Палермо со голот на Трајковски во втората минута од судиското надополнување.
Ривал на избраниците на селекторот Благоја Милевски во финалето ќе биде Португалија, која ја оправда улогата на фаворит против Турција (3:1) и сега ќе има нова меч топка за пласман на СП. Првата ја пропушти во последното коло од квалификациите против Србија, исто така на домашен терен.
Првата португалска ѕвезда, Кристијано Роналдо е крајно претпазлив пред дуелот со Македонците во Порто (вторник, 20.45 часот).
– Направен е првиот чекор кон нашата голема цел, кон СП 2022. Сè уште ништо не е освоено. Мора да продолжиме да работиме сериозно, почитувајќи го противникот, но секогаш верувајќи во нашите способности. Напред Португалија! Одиме во Катар – напиша Роналдо на Инстаграм.