Панчев: Дури и да не успее во Порто, Македонија покажа дека може и заслужува голема почит

5 mins read

Фудбалерите на Македонија направија чудо во Палермо, совладувајќи ја Италија со 1:0 (0:0) и со тоа останаа во трка за пласман на Светското првенство. Фудбалскиот свет зборува за нашите херои, европскиот шампион Италија е на колена! Италијанците синоќа за прв пат во историјата претрпеа пораз на домашен терен во квалификациите за СП! Скорот на фудбалската велесила досега е 48 победи, 11 нерешени и ниту еден пораз во 59 натпревари.

За подвигот што го направија сега зборува цела планета, а за српските медиуми зборуваше еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња, легендарниот Дарко Панчев, екс играчот на Црвена звезда.

– Секако, ова е голема сензација со оглед на тоа што нашите репрезентативци на свој терен го совладаа актуелниот европски првак! Тоа му дава уште поголема тежина на сето она што се случи синоќа! Фудбалот е можеби единствениот спорт во светот кој дозволува вакви изненадувања и затоа е најпопуларен! Не можеме да кажеме дека Италијанците не се обидоа да победат! Имаа 15 корнери, не знам колку удари кон голот, но во фудбалот не е доволно да се победи, тој гол ви треба за да се постигне резултат! Имавме среќа да постигнеме гол во 92 минута! Среќата понекогаш треба да се заработи и да се „покани“ едноставно кажано! Трајковски конечно постигна извонреден гол, во стилот на Роналдо! Знае да шутне, толку остро, со низок удар, веднаш до стативата, каде што беше речиси недофатливо за голманот и навистина направија големо изненадување! Сега треба полека да се подготвуваме за Португалија и да видиме да пробаме и таму, зошто да не – рече Панчев.

Португалците се внимателни во најавите: Не очекува тежок натпревар против Македонија, тие ја победија Италија

Панчев имаше само пофални зборови за селекторот Благоја Милевски, кого го смета за вистински избор:

– Од фудбалски аспект не е така неочекувано, бидејќи нашата репрезентација е компактна, долго време се познава, имам извонредно мислење за овој селектор, мислам дека е можеби најдобар досега, тој е еден експерт кој следи што се случува во европскиот фудбал. Сака да игра, да се труди да постигне резултат, не мисли цело време само на одбрана, но синоќа Италија нè принуди многу повеќе да се браниме со својот притисок, но и тоа е нормално! Тоа е цех кој се плаќа против тимови кои се објективно подоминантни. Инаку, тој многу добро ја познава оваа генерација, бидејќи ја однесе на ЕП пред неколку години кога беше селектор на младата селекција. Тоа е добра компактност меѓу нив, понекогаш се враќа, а за среќа им се врати и сега во овој циклус – и во групната фаза и во баражот! За мене не е изненадување, особено што Италија веќе не е она што беше! Искрено, за мене беше огромно изненадување што го освоија последното Европско првенство! Мислам дека немаат голема репрезентација како што имаа пред 10, 20, 30 години… И оваа грешка што ја направија, покажаа дека не заслужуваат да го носат епитетот најдобри на континентот. Пак велам, неочекувано го освоија првенството и тоа е тоа! Фудбалот едноставно дава можност за вакви изненадувања! – вели Панчев.

И Ангеловски им честита на фудбалерите: Ви честитам од срце на победата со Италија, уште еден чекор до СП

Поранешниот европски шампион со белградските „црвено-бели“ ги сподели очекувањата за финалето со Португалија на 29 март во Порто.

– Што се однесува до следниот натпревар, за разлика од Италија, Португалија е друг тип на репрезентација, селекција во која играат четири-пет извонредни поединци и ќе биде многу тешко, но ќе се обидеме повторно да го направиме тоа што го направивме во Италија, зошто да не. Овие момци се храбри, имаат свои квалитети и нека се обидат, никој не може да им забрани и никој не може да им ја одземе надежта! Ќе видиме како ќе испадне на крајот… И да не успее, оваа репрезентација покажа дека може и заслужува голема почит – се зборовите на Панчев.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Жената која го демнеше семејството на Дејвид Бекам ќе се појави на суд: Тврди дека е мајка на едно од неговите деца

Следно

ВИДЕО | Адвокатката Анастасовска тврди: Најдовме шест точки по кои може да се поништи дозволата за градба на Водно, на ред е Општина Центар

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian