Нутриционист Тања Турунџиева: Невидливите симптоми на алергија може да предизвикаат депресија и главоболка

6 mins read

Пролетта, покрај сите прекрасни нешта што ги носи, воедно е време кога почнуваат сезонските алергии и алергиски реакции. Научете како да се справите со овие непријатни состојби, обидете се да го откриете изворот и направете селекција на храната за да ги избегнете или елиминирате симптомите.

Алергијата е резултат на повеќето агресивно-имунолошки реакции на супстанција што е вдишана или внесена во телото или дошла во допир со кожата. Една личност може да влезе во просторија каде што има прашина и притоа да не доживее никаква реакција, бидејќи нејзините имунолошки клетки (лимфоцити и фагоцити) се способни да ги оневозможат антителата на прашината, друга личност, пак, може да доживее алергиска реакција, бидејќи нејзиниот имунолошки систем не е така ефикасен. Алергиите се толку многу распространети што речиси секој ги има до одреден степен. Кога ќе го слушнеме зборот алергија многумина од нас мислат на класични или фиксирани алергии, како што е поленската треска или моменталната реакција на извесни производи. Помалку се познати цикличните алергии на храната и чувствителноста на хемикалиите.

Нутриционистката Тања Турунџиева дава корисни совети со помош на кои ќе дознаете повеќе за алергиите на храна и како да си помогнете при справување со нив.

Алергија на храна

Понекогаш алергијата на храна е очигледна, бидејќи доведува до моментални реакции. На пример: кога човек ќе изеде јагода и веднаш добива осип. Ова е тип 1 или фиксирана алергиска реакција, бидејќи се појавува секогаш кога се јадат јагоди. Другите алергии на храна се многу тешки за дијагностицирање, бидејќи симптомите не се појавуваат веднаш по консумирањето на храната, туку по неколку часови или денови. Исто така, реакциите може да се менуваат со текот на годините, годишната доба, стресот и со уште многу други фактори. Понатаму, тие може да се манифестираат од еден систем на органите до друг.
Или преку сликовит пример, млекото кај мало дете може да доведе до астматични реакции додека кај големо дете до реакции на кожата. За повеќето реакции (дури до 90 отсто), одговорни се маскираните и цикличните алергии. Невидливите симптоми на алергија може да предизвикаат депресија, главоболка, болка во зглобовите, болка во мускулите и абдоменални нарушувања.

Алергија на храна може да се препише и на синдромот наречен пропустливи црева. Синдромот резултира со чести напади на гастроинтестиналниот тракт, а може да се појави како последица на долгогодишно консумирање шеќер, кофеин, рафинирана храна и други токсини. Системот на пропустливи црева може да се испровоцира и со намирници што ги консумираме секој ден, како што се млечните производи и производите од житарки. По подолга употреба отворите во полупропустливата слузница на тенките црева се прошируваат и овозможуваат парчиња несварена храна да поминат преку нив. Тие тогаш се сместуваат во различни делови од телото. Ако се сместат во кожата, може да доведат до нејзина алергија. Ако се сместат во мозокот, доаѓа до алергија на мозокот. Со текот на времето алергиите може да доведат до многу болести, вклучувајќи го и синдромот на хроничен замор, епилепсија и хиперкинетичко растројство (дефицит на внимание). Тогаш, наместо храната да го храни телото, таа му штети.

Исхрана при алергии

Промената на исхраната е најважна за избегнување на алергиите. Од есенцијална важност е да се елиминираат производите во коишто се сомневаме дека ни предизвикуваат алергии и постепено да ги исклучиме од исхраната, со што би си ги провериле понатамошните реакции. Најпознати предизвикувачи на алергии се: шеќер, житарки, млечни производи, говедско месо, компир, школки, јајца, домати, кафе, кикиритки, соја, пченка, квасец, но секоја друга храна што секојдневно се консумира може да предизвикува опасност.

За спречување на алергијата најважна е разновидната исхрана. Тоа значи да се консумираат различни нутритиви секојдневно, коишто потоа нема да ги користите во текот на следните четири или седум дена. На пример, ако внесете ориз во понеделник, во вторник внесете просо, во среда пченица, во четврток овес и во петок повторно можете да внесете ориз. Овој тип исхрана го штити телото од претерани реакции на повеќето намирници, иако некои од нив ќе мора да ги исклучите засекогаш од вашето мени.

Млекото, на пример, може да предизвика реакции секогаш кога се консумира.

Освен редукција на алергиските реакции, разновидната храна овозможува дополнителна корист, затоа што, на тој начин, се внесуваат голем број различни хранливи состојки. Воедно, водете сметка и за тоа дека некои хранливи состојки помагаат при зајакнувањето на имунолошкиот систем. Такви хранливи состојки може да се добијат, пред сѐ, од свежо исцедените сокови, зеленчукот и овошјето.

Секој што има проблем со алергиите дефинитивно треба да има индивидуален режим на исхрана. Селекцијата на храна во акутна состојба на алергијата е најдобрата превентива. Внимавајте што и кога, како и колку јадете.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Украина уништила голем руски брод со 20 тенкови и 400 војници

Следно

Поубава честитка не можеше да замисли: Селекторот Милевски го слави 51 роденден

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian