Започнува конечната пресметка на Европјаните за трите мундијалски визи

5 mins read

Вечерва со одигрување на полуфиналните бараж натпревари започнува битката за последните три мундијалски визи кои ќе ги освојат европските репрезентации.

Дванаесет европски репрезентации добија втора шанса да обезбедат пласман на Светското првенство што во ноември и декември ќе се одржи во Катар, а меѓу нив, за прв пат е и репрезентацијата на Македонија.

Репрезентациите се поделени во три групи А,Б и Ц и само победниците ќе обезбедат пласман на Мундијалот во Катар.

Во групата А, вечерва (20.45 часот) ќе играат Велс и Австрија додека натпреварот помеѓу Шкотска и Украина е одложен за јуни.

На натпреварот што ќе се игра во Кардиф, двете репрезентации ќе се обидат да дојдат на само еден чекор до пласман на Светско првенство што го чекаат повеќе децении. Репрезентацијата на Велс досега има само едно учество на Мундијалите (1958 година), додека последниот настап на Австрија е во 1998 година.

– Многу долго чекаме Велс повторно да игра на СП и поради тоа сигурен сум дека цела нација со нетрпение го очекува вечерашниот натпревар. Доколку победиме, ќе бидеме на само еден чекор од остварување на сонот, да играме на најголемиот фудбалски настан во светот – вели Неко Вилијамс.

Главниот адут на Велс ќе биде Герет Бејл кој се опорави од повредата и се очекува да настапи од првата минута.

На спротивната страна, Австрија предводена од Марко Арнаутовиќ на последните два натпревари оствари убедливи победи од 4:2 над Израел и 4:1 против Молдавија.

Во групата Б, Полска обезбеди директен пласман во финалната пресметка во баражот по суспензијата на Русија, а за второто место во финалето ќе играат Шведска и Чешка. Шведска настапи на последното СП во Русија каде го освои седмото место, додека последниот настап на Чешка на Мундијалите беше во 2006 година. Воедно тоа беше првиот настап на Чешка како самостојна држава по распадот на Чехословачка.

Швеѓаните во желбата да ја продолжат низата на настапи на Мундијалите, на помош го повикаа најдобриот фудбалер во својата историја, 40-годишниот Златан Ибрахимовиќ кој најави дека ќе стори сè за репрезентативната кариера да ја заврши со настап на СП во Катар.

-Нема да можам да ги одиграм сите 90 минути, но тоа го знаев уште пред да го прифатам повикот да се вратам во репрезентацијата и пред да се појавам на подготовките. Ќе уживам на теренот, а треба и јавноста да ужива бидејќи покрај мене ќе можат да го видат и идниот предводник  на Шведска, Ентони Еланга – рече Ибрахимовиќ.

Во групата Ц, покрај натпреварот Италија – Македонија, вечерва ќе играат Португалија и Турција. На стадионот „Драгао“ во Порто, сите очи ќе бидат вперени во Кристијано Роналдо кој е најдобар стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал. Роналдо во дресот на португалската репрезентација постигна 115 гола, но неговата главна цел нема да биде подобрување на овој рекорд, туку победа над Турција и обезбедување на настап на Светското првенство кое може да биде и негово последно во богатата кариера.

– Знаеме дека нема да биде лесно, но нашата цел е да играме во Катар. Ја респектираме Турција која има идентична цел како и нашата. Но, ние ќе сториме сè за да победиме и да дојдеме на чекор до пласман на СП – рече Роналдо.

Селекцијата на Турција има свои адути, 36-годишниот Бурак Јилмаз кој игра во одлична форма во дресот на Лил, како и селекторот Штефан Кунц. По доаѓањето на Кунц на селекторското столче, Турција нема пораз на четирите натпревари и успеа да ја внесе репрезентацијата во баражот.

Победниците од вечерашните натпревари, на 29 март (вторник) ќе играат во финалето по што ќе бидат познати последните патници од Европа на Мундијалот.

 

Група А
Велс – Австрија
Шкотска – Украина ќе играат во јуни

Група Б
Шведска – Чешка
Полска обезбеди директен пласман по суспензијата на Русија

Група Ц
Италија – МАКЕДОНИЈА
Португалија – Турција

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Бреговиќ: Не бевме државен проект, за Тито свиревме 5 секунди

Следно

Брнз до судиите: Јавноста нема доверба во судството, потребни се судски реформи

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian