Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски пред почетокот на вонредниот НАТО самит на шефови на држави и влади во Брисел изјави дека денес сите сојузници на НАТО се обединети и ќе ја понудиме нашата поддршка за народот на Украина.
„Северна Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со Европската Унија и ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите-членки на НАТО и ЕУ со цел да го одвратиме она што Путинова Русија го прави во Украина. Во насока да им помогнеме на Украинците донесовме и одлуки за прифаќање на бегалците“, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека Северна Македонија е подготвена да ги прими сите бегалци кои што ќе дојдат во Северна Македонија.
На дневен ред на шефовите на држави и влади во НАТО денеска ќе се разговара зајакнувањето на источниот дел на Алијансата. Како што најави генералниот секретар Јенс Столтенберг вчера, се очекува денеска да се донесе одлука за испраќање дополнителни борбени трупи во четири источноевропски земји.
Се очекуваат и разговори за дополнително зголемување на буџетот за одбрана на земјите членки на НАТО, кои истовремено се соочуваат со драстичен раст на цените на енергијата и секојдневните основни производи.