Сашко и Сашка ни подготвија класично тирамису: Мали трикови, кои прават голема разлика во вкусот

3 mins read

Сашка и Сашко стојат зад креативниот инстаграм-профил за храна sash_dream. Сашка работи како координатор за набавки во странска компанија, а Сашко го менаџира сопствениот ресторан специјализиран за кетеринг и организација на настани од секаков тип.

Сашка и Сашко ни приготвија интересен рецепт: Чоколадна варијанта на познатиот Њујорк чизкејк

Нивна заедничка пасија е гастрономијата, па како што ни открива Сашка, со готвењето се релаксира по напорните денови на работа, а Сашко пак, ја развива својата креативност преку естетското послужување на приготвената храна. Оваа суперидеја е производ на пандемијата, а инспирација црпат од секојдневието и од блоговите за храна.

„Многу често се случувало да патуваме заедно, да вкусиме нешто карактеристично за дестинацијата, а ново за нас и веднаш кога ќе се вратиме да пробаме да направиме наша варијанта“, ни откриваат тие.

Сашка и Сашко ни приготвија интересен рецепт: Чоколадна варијанта на познатиот Њујорк чизкејк

Денеска Сашка и Сашко споделуваат рецепт за класично тирамису и откриваат мали трикови кои прават голема разлика во вкусот.

 „Клучно при спремањето е да купите квалитетно маскарпоне, да не е некоја растителна имитација или слично. Исто така од рецептот кој го споделуваме можеби нема да излегуваат совршени парчиња, но веднаш кога ќе го пробате ќе сфатите дека сте искомпензирале правилно. Може да се направи во чашки, индивидуални садови, тавче итн.“, велат тие.

Потребни состојки:

– 6 жолчки
– 3/4 шолји шеќер
– 2 лажички ванила екстракт
– 500 гр маскарпоне
– 4 белки
– 1/8 шолја шеќер
– околу 45-50 пишкоти
– 200 мл зовриена вода
– 2 лажички инстант кафе
– 1 лажичка шеќер
– 50 мл млеко
– 1 лажичка рум или амарето ликер

Постапка за фил:

Во длабок сад ги соединувате жолчките, шеќерот и ванилата и ги ставате врз тенџере со вода која врие. Постојано промешувате, сѐ додека смесата не се згусне. Тргнувате на страна и го додавате маскарпонето. Добро промешувате за смесата да се соедини, а воедно и излади. Во друг длабок сад, ги матите белките со шеќерот сѐ додека не добиете цврста пенаста смеса. Потоа, смесата од белки ја додавате кај смесата од жолчки плус маскарпоне и ги соединувате нежно мешајќи со шпатула.

Кафе сируп:

Инстант кафето го промешувате во зовриената вода, па го додавате шеќерот, ладното млеко и рум/амарето. Најдобро е да го ставите во длабока чинија за да може полесно да ги потопувате пишкотите.

Постапка за филување:

Потребно ви е длабоко (мин. 5 см) тавче со димензии 20х30 см. Секоја од пишкотите ја потопувате во кафе сирупот и ја редите како база во дното на тавчето. Откако ќе го покриете цело дно, великодушно истурате од маскарпоне филот, го израмнувате и повторувате со уште два ката пишкоти и фил. На крај, наросувате какао во прав и оставате да се стегне во фрижидер минимум четири часа пред сервирање.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Џозеф: Балканот поделен меѓу Русија и Западот

Следно

И Пандев со поддршка за фудбалерите: Форца момци Македонци

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian