Копола застанал зад својата визија: Денес „The Godfather“ слави 50 години

8 mins read

На „The Godfather“ не му треба вовед, само беспрекорно изразување на почит. Филмот кој често се наоѓа на кинематографските листи како најсупериорното остварување на седмата уметност денес полни 50 години

„The Godfather“ има статус на класика во поп-културата а некои реплики од филмот и денес се рецитираат на памет, иако помина половина век од неговата премиера. На Оскарите во 1973 година беше прогласен за најдобар филм, а режисерот Френсис Форд Копола и Марио Пузо, авторот на истоимената книга, добија Оскар за најдобро адаптирано сценарио. Покрај овие награди, Марлон Брандо ја доби титулата за најдобар актер, која фамозно и бунтовно ја одби. Тој не се појави на Оскарите, но ја испрати младата актерка Сашин Литлфедер.

The Godfather, Фото: IMDB принтскрин

Но, како и сите големи прикaзни и оваа со неколку заплети

Кога почнале да снимаат, ништо не им одело од рака. Самиот Копола, кој сè уште чува тетратка од снимањето, наброја десетици проблеми кои морал да ги реши од моментот кога потпишал договор со „Paramount Pictures“.

– Имав 29 години, не бев етаблиран, па мислеа дека можат да ми командуваат. Ми дадоа буџет од 2,5 милиони долари и упорно инсистираа заплетот на филмот да се одвива во 70-тите години, иако во книгата на Пуз заплетот се одвива во 40-тите. Не им попуштив и покрај тоа што знаев дека историските костими, автомобилите и сценографијата значително ќе ги зголемат трошоците – изјави Копола.

Френсис Форд Копола, Фото: Flickr

Како Марлон Брандо стана Вито Корлеоне

Следната голема пречка со продуцентите избила во процесот на кастинг кога улогата на Дон Вито Корлеоне сакале да му ја доделат на Лоренс Оливие. Марлон Брандо бил трн во нога бидејќи имал репутација на многу проблематичен актер.

Марлон Брандо, Фото: IMDB – принтскрин

– Кога почнав да инсистирам на Брандо, директорот на „Paramount“ почна да ми вика дека никогаш повеќе не сака да чуе за него. Односно, тој рече: „Тоа може да се направи под три услови. Прво, Брандо да го сними филмот бесплатно, второ, да направи пробно снимање и трето, да потпише обврзница од милион долари дека неговото однесување на сетот нема да предизвика никакви проблеми што би ги зголемиле трошоците за снимање. Се согласив на оваа уцена и му се јавив на Брандо. Тој рече дека ќе направиме пробно снимање во неговата куќа. Знаев дека мрази кога режисерите му кажуваат за улогата и не сака гужва или врева. Имаше краток фитиљ.

Дојдовме пред неговата куќа со сета опрема. Ни кажаа дека Брандо сè уште спие. Ги поставивме камерите во тишина, донесов италијански колбаси и ги наредив во чинии во неговата дневна соба. Конечно се појави – во јапонска наметка, со лелеава руса долга коса. Се сврте и исчезна. Се врати за десетина минути. Ја намачкал косата со црн лак за чевли, ја врзал во пунџа и рекол дека ќе ја смени бојата на гласот и ќе ја наполни устата со памук бидејќи сака да изгледа како булдог. И тоа беше тоа. Кога го покажав пробното снимање во „Paramount“, не можеа да кажат не – вели Копола, чие име влезе во историјата по овој филм.

Марлон Брандо, Фото: IMDB – принтскрин

Како Ал Пачино стана Мајкл Корлеоне

Втората кастинг битка со продуцентите била за улогата на синот на Корлеоне, Мајкл. Непосредно пред снимањето, Копола го запознал младиот, сè уште „анонимен“ Ал Пачино.

Ал Пачино, Фото: IMDB – принтскрин

– Штом почнав да работам на сценариото, веднаш го замислив Пачино како шета по карпите на Сицилија со двајца вооружени овчари. Таа слика почна да ме прогонува, а јас инсистирав на Пачино, иако тие инсистираа на русокосиот Рајан О’Нил, ѕвездата од „Love Story“ или русокосиот Роберт Редфорд. Тоа не беше без причина. Вистина е дека многу Сицилијанци се русокоси и синооки поради Норманите кои биле присутни на Сицилија низ историјата – изјави Копола, чии баба и дедо емигрирале од Италија во Америка на почетокот на минатиот век.

The Godfather, Фото: IMDB принтскрин

– Добро го познавав тој менталитет, но во филмот не сакав да подлегнам на стереотипите за Италијанците во Америка. Во сите филмови беа негативци, олицетворение на криминалот, гангстери кои зборуваат англиски со италијански акцент, што не беше точно. Татко ми и браќата на татко ми, а беа осуммина – тие беа образовани музичари. Татко ми свиреше во симфонискиот оркестар на Детроит. Но, затоа сакав да се готви и јаде многу италијанска храна во филмот, исто како во моето семејство – рече Копола за деталите од реалниот живот што ги користел во филмот.

An Offer You Can’t Refuse

Понудата што не се одбива е одна од несомнените обележја на „The Godfather“. Во една од најпознатите сцени на филмот, Дон Вито Корлеоне е посетен од неговиот кумашин, познатиот пејач Џони Фонтен(лик за која нашироко се верува дека е базиран на Френк Синатра). Фонтен бара помош од Вито за да обезбеди филмска улога која ќе ѝ го врати сјајот кариерата што избледува. Шефот на филмското студио, претходно одбил да му ја даде улогата на Фонтен, но Дон Корлеоне му вели на Џони:

„I’m gonna make him an offer he can’t refuse“

Шефот на студиото подоцна се буди за да ја најде отсечената глава на неговиот скап тркачки коњ во креветот. Сосема очекувано, Фонтен последователно ја добива улогата.

Пет децении филмска историја

По неговата премиера на 24 март 1972 година, филмот беше на врвот на бокс офисот три години, а беше симнат само од мега-хитот „Jaws“. Копола немал намера да снима продолженија, но студиото „Paramount Pictures“ го убеди да ги сними и „The Godfather: Part II“ и „The Godfather: Part III“. На прашањето како го направиле тоа, Копола одговорил во стилот на неговите мафијашки херои:

– Ми дадоа понуда која не можев да ја одбијам.

The Godfather Pt. II/III, Фото: IMDB принтскрин

ВИДЕО | Предлог воени филмови: Нешто за плачење, нешто за надеж

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Милановиќ: Хрватска не е дел од БиХ, а богами ниту Србија или Русија

Следно

ВИДЕО| Сејдини: Фудбалерите покажаа дека се родени за големи работи и ќе дадат сè од себе да го остварат сонот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian