Германска делегација кај вицепремиерката Грковска се интересираше за дијалогот Скопје – Софија

2 mins read

Заменик-претседателката на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше средба со Сузана Шуц, од директоратот за Западен Балкан и Сабине Штол, од директоратот за проширување на ЕУ на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, кои престојуваат во работна посета на нашата земја.

Вицепремиерката Грковска ги запозна претставничките на Министерството за надворешни работи на СР Германија, кои на средбата ги придружуваше амбасадорката Анке Холштајн, со преземените активности на нејзиниот кабинет во сферата на доброто владеење, реформите на јавната администрација, дигитализацијата и борбата против корупцијата, и се задржа на соработката во овие сфери со Република Бугарија.

Претставничките на Министерството за надворешни работи на СР Германија покажаа посебен интерес за дијалогот Скопје-Софија и изразија надеж дека процесот поставен на нови основи за соработка и комуникација меѓу двете земји наскоро ќе има видливи резултати со почеток на преговорите за нашата земја за членство во ЕУ, што, како што истакнаа е од важен интерес за Берлин.

Заменик-претседателката во Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска на средбата истакна дека дијалогот со бугарската страна се развива во позитивна насока и дека војната во Украина покажа дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од геостратешки интерес на Брисел и на Европа.

Грковска нагласи дека Северна Македонија целосно ги исполни условите за почеток на преговорите со ЕУ и дека граѓаните на земјата очекуваат и Брисел да го исполни својот дел од обврската и дека секое натамошно одлагање ќе го поттикне евроскептицизмот.

Вицепремиерката Грковска потенцираше дека СР Германија е докажан партнер на Северна Македонија и на Западен Балкан и дека со оптимизам се очекува континуитетот на Берлинскиот процес кој донесе големи придобивки во европеизацијата на регионот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО| Сејдини: Фудбалерите покажаа дека се родени за големи работи и ќе дадат сè од себе да го остварат сонот

Следно

Ердоган: Русија и Украина се согласуваат за технички прашања, но не и за Крим

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian