Богати обвинувања со сиромашни докази

5 mins read

Ако партиите имаат докази, треба да ги достават, вака со меѓусебните обвинувања за тоа која е „побогата“ со „голтари“ бегаат од сопствената одговорност и само ќе ја доурнисаат довербата на граѓаните во институциите, сметаат комуниколозите.

Политичката сцена е збогатена со уште една вулгарна, штетна и неодговорна расправија, испровоцирана од опозицијата, наречена „од голтар до милионер“. Целта е во овие препукувања да се оцрнат политичарите од власта, а не да се расчисти криминалот бидејќи за ниедно обвинување кој колку е богат, не се понудени никакви докази.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја почна оваа црна кампања, откако, поради војната во Украина, ѝ пропадна планот да излезе на улица и со протести да се обиде да ја урне власта или да издејствува предвремени парламентарни избори. Сега на секоја прес-конференција партијата одбира некој функционер од СДСМ, или од актуелното или од претходното раководство, но и од ДУИ, како владејачка партија, и ги обвинува дека во политиката влегле како „голтари“ и работејќи криминално енормно се збогатиле.

Комуниколозите сметаат дека со меѓусебните обвинувања за тоа која е „побогата“ со „голтари“, партиите бегаат од сопствената одговорност и само ќе ја доурнисаат довербата на граѓаните во институциите. Ако партиите имаат докази, тие треба да бидат проследени до институциите надлежни за гонење криминал, во спротивно ќе расте недовербата – и во системот, но и во политичарите.

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека објавувањето афера за која нема да има институционална завршница, може да ја продлабочи и онака големата недоверба што граѓаните ја имаат кон политичарите и кон институциите.

– Секако дека партиите, граѓанскиот сектор, политичарите и сите активни граѓани треба да пријавуваат секаков сомнеж за корупција и за друго незаконско однесување. Но, целта мора да биде институционална завршница. Ако политичарите тоа го прават само за нови политички поени и за дневен рејтинг, политичката култура ќе продолжи да биде уште полоша, а апстиненцијата ќе расте. На крајот наместо активни граѓани, нема да остане никој заинтересиран за какво било политичко чувство – вели Кордалов.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ смета дека со меѓусебните обвинувања, партиите бегаат од сопствената одговорност и ја дефокусираат јавноста.

– Ова заемно уценување и префрлање за незаконско богатење е уште еден од низата начини за бегање од одговорноста што ја имаат партиите во уривањето на институциите што треба да се борат против таквото богатење. Недовербата во правосудниот систем и во другите институции е резултат на нивното систематско урнисување или саботирање. Дискусијата треба да нуди решенија како ова да се надмине и да се бара одговорност во сопствените редови – вели Трошановски.

Темата за „голтарите милионери“ ја отвори лично лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кога изјави дека многу политичари во Македонија од сиромашни, по неколку години занимавање со политика стануваат милионери.

– Многумина околу власта, мршојадци, кои живеат на товар на народот, имаат еден паралелен свет од оној вистинскиот што го живее народот. Го полнат буџетот за да крадат. Имате политичари што влегуваат како голтари во политиката, а излегуваат како милионери. Отвораат фондации и така натака – рече Мицкоски.

СДСМ не остана рамнодушна на прозивките и возврати дека седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, белата палата, е симболот на криминалот, корупцијата и на расипништвото на партијата и го посочи лидерот Мицкоски како пример за некој што се збогатил откако влегол во политиката.

Во меѓусебните прозивки се вклучи и првиот вицепремиер Артан Груби.

– Има многу членови во ВМРО-ДПМНЕ што влегоа како „голтари“, а излегоа како милионери од политиката. ДУИ се единствена партија во Македонија, која нема корупциски афери и скандали. Го повикувам Мицкоски да се обрати до обвинителството ако има докази за корупција. За тоа што го зборува Мицкоски, може да земе пример од неговите поранешни партиски членови – рече Груби.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

УЈП влезе и во „Кипер“, маркетите запечатени додека инспекторите контролираат

Следно

Пентагон: Руските сили потиснати на 55 километри од центарот на Киев

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian