Како Влада разработуваме модалитети и можности за тоа колку може и дали може да се намалат цените на патарините. И од тој аспект ние разработуваме модалитети кои ќе бидат одржливи, изјави вечерва во гостувањето на ТВ Сител министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој посочи дека ќе се работи на патарините кон Тетово и Гостивар за да се постигне целосно електронска наплата на патарини, со што ќе се намали уделот на човечкиот фактор.
– Во 2015 година започна проектот за реконструкција на електронските патарини. Ние веќе работиме и на Коридор 8, патарината кон Куманово е веќе изреконструирана, ќе се работи и на оние кон Тетово и Гостивар со цел да имаме целосно електронска наплата на патарини со што ќе се намали уделот на човечкиот фактор во однос на овој процес, рече Бочварски во Тема на денот на Сител.
Бочварски вели дека моделот со вињетите „не е доволно праведен“.
– Со вињетите моделот не е доволно праведен затоа што вињета користи и оној граѓанин кој патува секој ден на одредена дестинација и ги користи повеќе патиштата, отколку што некој можеби ќе наплати со регистрацијата вињета, односно, патна такса, а притоа можеби и нема да ги користи јавните патишта. Праведен модел е на тоа кој повеќе патува, да плаќа повеќе, отколку некој кој користи само локални патишта, смета Бочварски.
Тој откри дека ЈП за државни патишта лани собрало 46,4 милиони евра од наплата на патарини.