Политичар на политичарот му е – голтар!

4 mins read

„Дебатата“ ја отвори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој изјави дека многу политичари во Македонија од сиромашни, по неколку години занимавање со политика стануваат милионери.

Македонските политичари во изјави, соопштенија и прес-конференција си разменија сочни навреди за тоа кој влегол во политиката како поголем „голтар“, а потоа станал милионер со криминал и корупција. „Дебатата“ ја отвори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој изјави дека многу политичари во Македонија од сиромашни, по неколку години бавење со политика стануваат милионери.

– Малкумина околу власта, мршојадци, кои живеат на товар на народот, имаат еден паралелен свет од оној вистинскиот, а тоа е оној што го живее народот. Го полнат буџетот за да крадат. Имате политичари што влегуваат како голтари во политиката, а излегуваат како милионери. Отвораат фондации и така натака – додаде Мицкоски.

Спомнувајќи фондација, Мицкоски најверојатно алудира на непотврдените информациите дека поранешниот премиер Зоран Заев и ексминистерот за здравство Венко Филипче работат на формирање фондација „Едно општество за сите“ и дека во тој правец наводно било и нивното учество на меѓународниот Форум за дипломатија, кој викендов се одржа во Анталија, Турција.

Изјавите на Мицкоски ги коментираше првиот вицепремиер Артан Груби во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21.

– Има многу членови во ВМРО-ДПМНЕ кои влегоа како „голтари“, а излегоа како милионери од политиката. ДУИ се единствена партија во Македонија која нема корупциски афери и скандали. Го повикувам Мицкоски да се обрати до обвинителството ако има докази за корупција. Тоа што Мицкоски го зборува, може да земе пример од неговите поранешни партиски членови, кои влегоа „голтари“ а излегоа милионери од политиката – рече Груби.

Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е доказ како од голтарска партија, преку криминал и корупција се станува најбогата партија во Европа.

– Признанијата пред македонските судови на поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и пресудите како онаа за „Титаник“ се само уште една потврда на тоа што јавноста многу добро го знае. Еве ја зад мене белата палата, симболот на криминалот, корупцијата и расипништвото на ВМРО-ДПМНЕ. Од мала „жолта куќа“ до „бела палата“ на 7 ката, вредна 40 милиони евра, со раскошни лустери, со скап мебел, теписи и уметнички дела. Побогата од партијата на Ангела Меркел, германската ЦДУ. Како ВМРО-ДПМНЕ го стекна овој имот, како се финансирала партијата за време на нивниот 11-годишен режим, покажуваат многубројни судски пресуди против некогашни функционери на партијата, како и многуте предмети што сè уште се пред судовите во државата – рече Каевски.

Според него, и Христијан Мицкоски е исто така класичен пример за тоа.

– Влезе голтар во политиката, па стана советник на Никола Груевски и сопственик на хидроцентрали и бизниси – рече Каевски.

На ова возврати ВМРО-ДПМНЕ со соопштение дека „Дарко Каевски, исто како и Зоран Заев и Димитар Ковачевски, е пример како во политиката се влегува како голтар, а се излегува како милионер“.

„Дарко Каевски на само 30 години, без еден ден работа во реален сектор, само од функционерска плата успеал да се стекне со 4 милиони во банка и еден стан. И додека врсниците на Каевски едвај врзуваат крај со крај, тој ниже милиони. Принципот на Каевски е копија на неговите шефови Заев и Ковачевски. Ковачевски беше косопственик во фирми за фотоволтаици, а синот на Заев сега отвори фирма за трговија со струја и на само 18 години влезе во овој милионски бизнис. Заеви се влезени во бизнисот со марихуана, тие ја злоупотребија позицијата и се стекнаа со лиценци. СДСМ е класичен пример за партија што од голтари прави милионери“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Урнебесна анегдота, Роналдињо не знаел како да подигне пари од банка

Следно

28. ДЕН: Од минута во минута за случувањата во Украина

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian