Вие прашувате – психолог одговара: Имам интензивни стравови и мислам на црни сценарија

6 mins read

Пандемијата ги разниша животите на милиони луѓе ширум светот и внесе вознемиреност, страв и неизвесност во домовите. Навикнати на активен социјален живот, средено домаќинство, на еден животен колосек кој секој од нас си го трасирал, сето тоа како преку ноќ да беше избришано со гума. Во изминатиот период се покажа дека тоа не претставува само глобална здравствена криза, туку далекусежно влијае и на социјалните и економските текови, произведувајќи повеќекратни последици по луѓето. Тековната криза ги изнесе на површина сите стравови, бариери, несигурност, дилеми, прашања без одговори…

Експертите предупредуваат дека сигурно ќе има и такви кои би можеле да почувствуваат ментални здравствени проблеми дури и по пандемијата.

Со желба да дадеме поддршка и да им помогнеме на читателите во овој предизвикувачки период, нашите психолози одговараат на нивните прашања.

Почитувани,

Во последниот период имам чувство како да го губам тлото под нозете. Често се чувствувам оптоварено со негативни мисли, интензивни стравови и мислам само на црни и негативни сценарија. Ова особено ми се случува кога гледам вести кои информираат за тековната воена состојба како и за бројот на заболени и починати од коронавирусот. Хоророт од пандемијата и војната во Украина ми се постајано пред очи. Дополнително ме оптоваруваат негативните коментари на социјалните мрежи. Истите ги следам затоа што сум најчесто дома со своите деца. Едното оди во градинка, а другото во училиште, но многу често има или заболено дете или наставничка, па децата најчесто се дома. Во тие периоди, поголемото дете следи онлајн настава за која му е потребна дополнителна помош и поддршка.

Просторот ни е мал и многу е тешко да се обезбеди мир и тишина зeмајќи го предвид фактот дека помалото дете има сосема поразлични потреби од поголемото.

Јас се обидувам да работам од дома, но товарот да се работи од дома и да се чуваат деца во исто време ми станува неподнослив. Често сум анксиозна и депресивна и како да немам волја за ништо. Сопругот е тука, тој ми е голема поддршка, но најчесто работи во текот на целиот ден. Тој поголемиот од денот е надвор од дома поради работните обврски, поради што малку се гледаме и комуницираме. Ве молам да ме советувате како да се справам со негативните мисли и како да имам повеќе енергија во текот на денот за да ги извршувам и издржам и домашните и професионалните обврски.

– Ви благодарам за вашето споделување и можам само да го замислам притисокот и напорот со коишто се соочувате преземајќи одговорност за многу различни улоги во кои моментално се наоѓате (мајка, вработена, некој кој се грижи за домаќинството итн.). Звучи како бројот на стресни фактори кој моментно влијаат на вашето емоционално здравје да е огромен, а со тоа и чувството на немоќ, загриженост, безнадежност и исцрпеност. Притоа она што е видливо е тоа дека изгледа како вашите потреби да се ставени на последно место и како во овој период да немате простор за себе ниту пак доволно поддржувачка околина која ја разбира вашата позиција. Целата таа испреплетеност на улоги и секојдневното живеење под такви услови, без можност за социјализација, без дружење, без физички контакт на работа, без време за себе и своите потреби доведува до изолација и во себе или прекинување на контактот со своите мисли и чувства. Ваквата блокада оневозможува да се чувствувате доволно енергично и функционално. Дополнителен отежнувачки фактор е постојаното потсетување дека немили настани се случуваат некаде и некому и иако не се блиску, може да ни се случат и нам. Влијае и инсистирањето од околината да се остане функционален и позитивен дури и во ситуации кои се неизвесни, застрашувачки и преплавувачки за секој поединец. Можам да ви кажам дека ваквите очекувања дополнително ја влошуваат состојбата бидејќи доведуваат од тоа да се срамиме од себеси што не сме успешни и доволно организирани, постојано да се критикуваме и судиме поради нашата немоќ, органичувања и лимитираност. Многу е соодветно и пожелно да се споделува тагата, стравовите и грижата. Сите тие се соодветна емоционална реакција на сето она што ни се случува. Би ви препорачала да најдете повеќе простор за себе и своите потреби, да побарате помош и поддршка од сопругот, вашите најблиски или со кои ќе ги поделите обврските околу домаќинството и децата, да најдете простор, време и релации во кои ќе можете да споделувате како се чувствувате во безбедна околина. Да најдете некој со кој можете да разговарате и во кој имате доверба, што ве поддржува, што не ве прекинува, не ви суди ве прифаќа и поддржува. Може да побарате и професионална помош од професионалец психолог/терапевт онлајн кој ви е достапен и онлајн и во живо. Дополнително обидете се да го ограничите времето и изворите на информации од кои како што истакнувате добивате лоши вести и негативни коментари и да најдете или креирате активности во вашиот дом кој ве релаксираат и ви помагаат да се опуштите. Фокусирајте се на „овде и сега“ и што е она што може да го направите во овој момент за да си го олесните животот.

Благица Ризоска Ваниќ
Лиценциран психолог, Европски сертифициран Гешталт тренер, терапевт и супервизор во Советувалиште за хумана соработка.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Словенија започна шестиот бран на ковид-19, предизвикан е од верзијата BA2

Следно

Кајакарите на Арка-Борец Велес успешно ја започнаа меѓународната сезона

Latest from Blog

Перишиќ се сели во Лондон

Хрватскиот репрезентативец Иван Перишиќ одлучи кариерата да ја продолжи во Премиер лигата и тоа во екипата

MacedonianEnglishAlbanian