Голема пролетна акција за чистење во 10 скопски општини

3 mins read

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со директорите на јавните претпријатија на Град Скопје и градоначалникот на Општина Кисела  Вода, Орце Ѓеогиевски, денеска, 21 март, го најавија  почетокот на пролетната работна акција низ скопските општини, на место нарекувано Чешма. Оваа голема акција, што ќе се спроведува во координација со јавните претпријатија,  ќе трае  до 27 мај.

– Започнуваме во општина Кисела Вода, каде што од денеска до крајот на неделата во соработка со градоначалникот Орце Ѓеоргиевски, Град Скопје ќе спроведува активности за темелно чистење на градските булевари и површините под градска надлежност, уредување и санација на дефекти во доменот на јавните градски претпријатија – рече градоначалничката Арсовска на почетокот на пролетната акција.

Во пролетната работна акција на Градот Скопје во координација со сите јавни претпријатија ќе бидат опфатени сите скопски општини започнувајќи од:

Кисела Вода и тоа од 21 до 25 март,

Карпош од 28 март до 1 април,

Аеродром од 4 април до 8 април,

Гази Баба од 11 април до 15 април,

Чаир од 18 април до 21 април,

Бутел од 26 април до 29 април,

Шуто Оризари од 3 мај до 6 мај,

Центар од 9 мај до 13 мај,

Ѓорче Петров од 16 мај до 20 мај,

Сарај од 23 мај до 27 мај.

– Големата пролетна работна акција низ општините опфаќа активности на чистење на булеварите и улиците, рачно и машинско миење на улиците, собирање на кабаст отпад на предвидените локации низ општините, санирање од оштетувања на коловозите, поставување на вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација, садење садници и уредување на зеленилото низ скопските општини, санации на пријавени дефекти и проблеми од  граѓаните, заловување на бездомни кучиња, каде што  по нивен хуман третман ќе биде овозможено да бидат вдомени, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и активирање механизација за прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици, изјави градоначалничката Арсовска.

Градоначалничката Арсовска додаде дека ваков тип на работна акција последниве години не е спроведена.

– Ако се работи во континуитет може да се видат значајни промени и градот Скопје да биде почисто и хумано место за живеење, а проблемите на граѓаните да бидат преточени во решенија за поубаво и модерно Скопје. Затоа овие работни акции ќе бидат дел од редовните активности во градот Скопје, нагласи Арсовска.

Ова е голема работна акција која вклучува координирани активности на градските јавни претпријатија Паркови и зеленило, Комунална хигиена, Водовод и канализација, Улици и патишта и Лајка, кои ќе  дејствуваат во доменот на своите работни задачи со цел надминување на предизвиците и реализација на барањата истакнати од граѓаните, дополнија од Град Скопје. 

skopjeinfo.mk

Претходно

ВИДЕО | Карева: Во Јавна соба има илјадници сторители не само двајца

Следно

ЕУ министрите денеска ќе разговараат за санкции врз руската нафта

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian