Уште од самиот почеток, војната во Украина го наполни медиумскиот простор во Северна Македонија со лажни вести и дезинформации кои имаат за цел ширење на строго утврдена пропагандна кампања, вели Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“.
Тој за Гласот на Америка на македонски јазик вели дека ова е нешто што „Цивил“ го регистрира секој ден.
„Постои една групација од медиуми кои се жестоко вклучени во дезинформациските кампањи повеќе од кога било порано, на кои очигледен спонзор, поттикнувач и архитект е токму Кремљ“, вели Дерала.
Тој вели дека овие медиуми се трудат да создадат антизападен сентимент во јавноста.
„Една подземна и не толку очигледна кампања, која е наменета да се создаде атмосфера, односно сентимент, кој е антизападен, а секако во корист на руската страна. Имаме голем дел случаи на релативизација на фрукталната агресија врз цивилното население во Украина“, вели тој.
Овие кампањи со дезинформации и пропаганда се внимателно конструирани и тие се насочени кон одредени таргет-групи, додава Дерала.
„Некои од нив се за поширока публика, која има причини, реални или нереални, да биде антизападна. Има друга таргет-група, која на еден суптилен и покомплексен начин се привлекуваат луѓето кои се креатори на јавното мислење. Но, се забележува и една тенденција во која се гледа едно добро професионално изработено четиво, позади кое стојат добро платени професионалци што си ја знаат работата“, вели Дерала.