Денес е Светскиот ден на поезијата: Порив кој за смисла не прашува

8 mins read

Денес е 21 март, или во светски рамки, Денот кога се слави поезијата.

Одлуката која ја донесува УНЕСКО во 1999та година во Париз, значи славење на поетското и стиховно творештво, дијалог помеѓу поезијата и останатите уметности и причина плус да седнеме и да запливаме во сопствениот јазик.

Што е поезијата?

Некој ќе рече – застарена работа. Некакво „вдахновение“. Вистината е дека поезијата е порив кој за смисла не прашува. Така го нарече и големиот Блаже Конески тоа чувство на зборот. Нешто што те тера одвнатре да напишеш, да избликнеш, да го уредиш зборот во песна,  одек на душата, срцето, времето.

Интимно, со поезијата се „познавам“ од дете. Првите стихови во рима, кои беа неизоставен дел од секоја училишна читанка, подоцна се претворија во извор и избор на големците во македонскиот пев и збор. Од Петре М. Андреевски, Ацо Караманов, Ацо Шопов, Светлана Христова Јоциќ, до Никола Вапцаров, Блаже Конески, Јован Стрезовски, Радован Павловски… Ќе испуштам некого, но во срцево ги носам сите. Од Дениција, до Вера Циривири Трена, до епските јунаштва и болки на нашиот идентитет и јазик, поезијата во мене одекнува од самото запознавање на мојот мајчин јазик. Но, и денешните поети и поетеси без кои не би продолжувало творештвото, не би се развивал јазикот, не би постоела уметноста. Тука се Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Лидија Димковска, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Долорес Атанасова, Николина Андова – Шопова, Митко Гогов, Ненад Јолдески, Снежана Стојчевска… И многу други кои го чуваат јазикот, ја пренесуваат силата на зборот, го моделираат изразот во современи рамки и му даваат боја, храброст и се преведувани на многу светски јазици.

Во нашата земја, поезијата е третирана низ неколку настани кои е значајно да се споменат. „Струшките вечери на поезијата“ се најстарата манифестација во чест на поезијата, првпат оддржана во 1961, но и најмладото издание на „Скопски поетски фестивал“ кој се одржа во 2021.

Да се пишува поезија, значи да се „фати“ мигот. Да се задржи здивот. Да се отвори една нова врата од смислата и да се пушти на слобода. Да се испее, да се раскаже, да се избеседи. Да се постои во простор и време, надвор од сите рамки, а во координатите на реалноста.

Во чест на денов, ви споделувам неколку омилени песни од наши поети/поетеси.

Зборот – Блаже Конески

Од секогаш сум мислел за излишноста на зборот, дека најмалку го трога тој онега што му е
упатен —
од каде тогаш таа потреба да се искажуваме
дури со ритам и рима, дури со алитерации?
Тука види ја сега бесмисленоста на земните
извори:
било на ќуќур, било на вода, било на грлен
извик.
Тоа е порив, и за смисла не прашува.

Песната на Никола Јонков Вапцаров до жена му пред да биде стрелан

ПРОШТАЛНА (на жена ми)

Понекогаш ќе ти доаѓам на сон,
како нечекан и несакан гостин.
Не ме оставај ти надвор, на патон
– вратата не ја лости.
Ќе влезам тивко, кротко ќе седнам,
ќе вперам поглед во мракот да те видам.
Кога ќе се нагледам –
ќе те бакнам и ќе си отидам.

Да се ослободам – Светлана Христова Јоциќ

Зошто не ми дозволувате анималност,
зошто не: воен инстикт, освојување;
зошто да не ја обожувам страста?
Дозволете ми ги осветите, лукавствата
лутините, сладострастијата!
Зошто не ми доверувате сознанија и мудрост,
зошто не ми давате моќ да поставам цели!
Целта да биде точката – вон Умопретставата,
Целта е кај зборот што е над секој звук!

Зошто се плашите да не го засакам злото?
Да не ги љубам демонските обреди.
Со надумни средства умот се шири!
Зошто да не создавам мит, “чудесна невистина” – мит за новиот век?
Зошто не, средба со ирационални зборови?

Зошто предупредувањето: ако ти се јави
Нешто натприродно, отвори очи и извикај:
“Не сакам да го видам!
Не сум достоен да видам,
ако ова видение е од Бога”.
Зошто одвраќање од демонското заведување?
Дозволете му на се што се влива во мене,
што нурнува во телово.
Дозволете му на ликот на зборот сам да се образува!

Дајте ми упорност да не се плашам од опасности.
И од скок мртовечки.
Во непознатото и во неочекуваното
да не застанам на половина пат.
И да не паднам во малодушност, срџба и очајание!

Напор, вртлог и бесмисла, дајте ми –
да летам и да не паднам,
како тешка птица да летам право,
како гавран не кривејќи се, не виткајќи се …

Дајте ми волја, уживање, властољубие, себичност
Љубов дајте ми!
Преумножете се што ќе ме истроши.
И – да се ослободам!

Прво писмо – Петре М. Андреевски

(Од циклусот Пет љубовни писма)

Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство:
ни детските шепоти што ги откривав
во сеидбите на дождовите,
ни закажаната бура во пајажините
од крајпатните меанчиња,
ни воздушните патишта, осветлени од ластовиците
ни она што добива форма само во мојот слух,
ни мојот слух додека во него задоцнетиот штурец
го навиваше својот ноќен часовник,
ни родилните маки на фрленото семе,
ни разгорениот пожар на главата од петелот
додека бега од сенката што слегува од небото,
ни просторот што ми остана меѓу твоите раце,
меѓу твоите два припека,
ни змијата што го возбудува врвот од житата,
ни снежните намети и налети во афионовите полиња,
ни пламенот што надојдува, како есенска магла,
во низата од пиперките,
ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот,
ни притаената светлина во купениот кибрит;
ништо не е повидливо од твојата трага
пред мене и зад мене, со мене и во мене.

Клуч грч – Радован Павловски

Го заклучив небото, да не ми се
меша во љубовта.
Само твоето тело и земјата
со мене во љубов отклучени.
Го заклучив и сонот,
да не ми се мешаат привиденија.
Ти поубава од небото, слична на ѕвезда,
го отклучив небото, ги заклучив
подземјата, ти си поубав плод
од земјата. Го пуштив времето
меѓу нас да тече,
сè да допре,
во бран да се собира и шири
во љубовта и смртта грч
што дава и зема клуч.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Руското злато вреди 140 милијарди долари, ама никој не сака да го купи

Следно

Селекторот Милевски нема проблеми со пријавени повреди или отсуство

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian